Индискиот магнат Субрата Рој, основачот на „Сахара Индија Паривар“ почина денеска на 75-годишна возраст, соопшти „Сахара груп“.
Во соопштението се вели дека тој починал од срцев удар. Бил болен од рак, имал висок притисок и дијабетес. Бил примен во болницата на 12 ноември, откако му се влошилa здравствената состојба.
Ројх е роден на 10 јуни во 1948 година, во Арарија, Бихар и беше истакната фигура во индискиот бизнис. Имаше огромна империја која опфаќаше различни сектори: финансии, недвижности, медиуми и угостителство.
Рој беше познат и во Македонија, тој пред десетина години беше своевидна икона на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, најавувајќи огромни инвестиции во Македонија, кои не се реализираа.
Поранешниот премиер Никола Груевски го донесе Субрата Рој во Македонија и го најави како голем инвеститор.
Тој се поврзуваше со изградба на голем туристички комплекс во Љубаништа, купување на агрокомбинатот „Џумајлија“, како и како донатор на недовршениот споменик на Мајка Тереза на плоштадот „Македонија“ во Скопје.