Студентскиот отпор: Притисоците и заканите кон студентите во изборот на нов декан на Филозовскиот факултет

Од Студентскиот отпор алармираат на притисоците и заканите кон студентите во изборот на нов декан на Филозовскиот факултет. Ви го пренесуваме нивното отворено писмо во целост:

Почитувана јавност, студенти, професори,

Чувствуваме обврска да ве информираме и предупредиме за случувањата деновиве на Филозофскиот факултет. Имено, во пресрет на изборите за претседател и членови на Факултетското студентско собрание на Филозофскиот Факултет се врши огромен притисок врз студентите од страна на професорите.

Поради овогодинешниот избор за нов декан на Филозофскиот факултет каде што право на глас имаат именувани студенти од Факултетското студентско собрание започнати се меѓупрофесорки превирања со политички позадини за тоа кој ќе биде нов декан.

Штета од овие политички превирања во професорските кругови за тоа „кој ќе го добие престолот” ја трпат студентите. Ве известуваме дека во овие денови се нарушува студентската автономија затоа што професори и од едниот и од другиот „тим” во оваа нивна политичка битка вршат притисоци врз студенти за избор на овој или оној кандидат за претседател на Факултетското собрание, надевајќи се дека тој кандидат ќе им донесе глас повеќе при изборот на нов декан на Филозофскиот факултет.

Ваквите игри не само што ја нарушуваат студентската автономија која е загарантирана туку и сериозно го поткопуваат и нарушуваат кредибилитетот на УКИМ како најстар универзитет во Македонија.

Апелираме до студентите на Филозофски факултет доколку почуствуваат закани, притисоци од професорите да се обратат до Студентски отпор, а при изборите да гласаат по сопствена волја.