Индија: Автобус излета од коловозот во Кашмир, загинаа 33 патници

Најмалку 33 лица ги загубија животите, а неколку се повредени кога патничкиот автобус со кој патувале паднал во клисура во Кашмир под управа на Индија, пренесува Анадолу.

Очевидецот Мохамед Асиф за Анадолу изјави дека автобусот излетал од патот и паднал во клисурата во близина на подрачјето Трунгал-Асар на главниот автопат во округот Дода во провинцијата Џаму, на околу 300 километри од Сринагар, главниот град на регионот.

Операцијата за спасување е во тек, а официјалните лица стравуваат од можноста да се зголеми бројот на загинати.

Џитендра Синг, член на индискиот Парламент од провинцијата Џаму, изјави дека на располагање ќе биде хеликоптер за да можат критично повредените пациенти да бидат пренесени на лекување во градот Џаму.

На неколку патишта во планинските региони на провинцијата Џаму, особено во окрузите Дода, Киштвар, Раџаури и Пунч, несреќите се честа појава, а како причина се посочуваат лошите услови, возење во алкохолизирана состојба, брзо возење, преоптовареност и одрони предизвикани од лошото време.

Загинаа вкупно 805 лица, а уште 8.372 се повредени во 6.092 сообраќајни несреќи во регионите Џаму и Кашмир во 2022 година, според податоците што ги објави сообраќајната полиција на земјата.

Во текот на првите четири месеци оваа година, во 1.812 сообраќајни несреќи животот го загубија 254 лица, а повеќе од 2.300. Поголемиот дел од сообраќајните несреќи се случиле во регионот Џаму.

извор:Анадолу.

фото:Анадолу.