Опозицијата го критикува предлог-буџетот за 2024 година и децидно тврди дека тој никако не може да се смета за развоен. Вака може да се протолкува во разговор за „Локално“, анализата на потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ и поранешна заменик-министерка за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.
Врз основа на презентацијата која ја имаше министерот за финансии Фатмир Бесими, Кочоска вели дека ако најголем раст на расходна страна се предвидени за плати (за факти а не дали е оправдано или не е) и притоа „апсолутно ништо не прават за подобрување на инвестирањето односно нема конкретни капитални проекти за кои навистина ќе гарантираат дека ќе има реализација и притоа ќе бидат со додадена вредност, слабо е инвестирањето во приватниот сектор, лоша е продуктивноста итн. не можеме да очекуваме развој“.
-Дополнително, планираат раст на приходите за 10% но на планирани приходи за 2023 година. Со оглед на тоа дека приходите за 2023 нема да се реализираат како што е планирано, односно ќе недостасуваат најмалку 200 мил евра, тоа значи дека приходната страна нема да расте за 10% туку повеќе. Во вакви услови во кои што е економијата, не очекувам дека тие приходи ќе бидат реализирани. Тоа значи дека на првиот ребеланс на буџетот за 2024 година ќе се кратат капиталните расходи како што впрочем се прави во сите овие години додека е СДСМ на власт. А кога се кратат капиталните расходи дополнително се дава сигнал дека економскиот развој на Владата не и е во прв план, оценува соговорничката.
Во однос дали е кроен за пред избори, Димитриеска Кочоска истакнува дека ќе се види кога ќе стигне на разгледување во собрание.
-Ако ги вклучат мерките за кои зборуваа пред некое време односно да даваат помош на различни категории на граѓани, тогаш слободно можеме да кажеме дека Буџетот за 2024 година е кроен за избори. Откако поради неспособност и лични интереси (корупција, криминал) инфлацијата им излезе од контрола а се поради погрешни и ненавремени мерки сега зборуваат за помош на граѓани, притоа замислете баш таа помош им ја даваат во изборна година. Зошто тоа не го направија во 2022 кога инфлацијата го достигна плафонот или пак во 2023. И на крај зошто дозволија да стане животот толку скап, а потоа да глумат дека сакаат да му помогнат на народот, прашува потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ.
Смета дека ситуацијата со јавната администрација и тоа што следната година ќе бидат потребни за 18 отсто повеќе пари за платите на вработените во јавниот сектор е најгорливиот проблем, но потенцира дека и тие луѓе заслужуваат достоинствен живот.
-Не е администрацијата виновна што владата не се справи со инфлацијата како што треба, не е виновна ниту мерките што доцнеа и беа погрешни. Владата требаше навреме да размислува за проблемот со инфлацијата. Ние како опозиција зборувавме дека почнува да расте инфлацијата во Македонија уште пред да почне воениот конфликт во Украина. Тоа беа првите знаци дека има домашни фактори кои ја движат. Уште во тој период Владата требаше да направи анализи што се случува. Откако целата работа им излезе од контрола и откако животот стана прескап и најголемиот дел од македонските семејства примаат плата само за да се прехаранат, логично е да се зголемат и нивните плати. Не ги цеди администрацијата платите, ги цеди власта која покрај сите погоре наведени причини и понатаму вработува. Онаа истата власт која не убедуваше дека администрацијата е превработена.
Стапката на инфлација, барем според Бесими, се очекува да се стабилизира и е проектирана на 3,6 отсто на годишно ниво. Реални ли се неговите проценки?, повторно прашува Димитриеска Кочоска.
Објаснува дека ризик за повисока инфлација од планираната со оваа власт секогаш постои. Соговорничката е убедена дека покрај сите грешки што ги направи власта, „да не почнеа да зборуваат за даночна реформа инфлацијата немаше да биде толку висока“.
-Во овој момент очекувањата на бизнис секторот се многу лоши и затоа се уште инфлацијата е на високо ниво. Колку побрзо имаме избори во 2024 година, и побрзо дојде до промена на власта очекувам стабилизирање на економијата. Точно, никој нема магично стапче да реши се од еднаш, но една влада која точно знае што сака, што прави и која посветено ќе работи и ќе биде препознаена кај приватниот сектор мислам дека ќе направи попредвидлива економска средина во која подобро ќе се работи. А дали има услови да биде повисока инфлацијата од оваа пректирана? Во март 2024 ќе има повторно усогласување на платите, дополнително оној класичен предизборен поткуп доколку се случи, недостигот на работна сила кој прави притисок на платите итн. можат повторно да ја придвижат инфлацијата нагоре, наведува поранешната заменик-министерка за финансии.
Во изминативе години гледаме дека постои разлика во прекциите помеѓу МФ, ММФ и Светска банка за стапката на раст, а според Димитриеска Кочоска има само еден заклучок.
-Повисоки стапки на раст планираат кога Министерството за финансии има потреба да планира повисоки приходи кои нема да ги оствари. Но тие повисоки приходи отвараат простор “желбите” за трошење на поединечните иснтитуции да бидат планирани повисоко.Тоа значи дека институциите планираат повисоки расходи а на крајот завршува со следното: Институциите ги реализираат сите планирани непродуктивни расходи, а бидејќи нема доволно приходи (нереално високо ги планирале) ги кратат капиталните расходи (нема што друго да се крати), заклучува потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ.
извор: ВМРО ДПМНЕ