„Натурализација врз основа на која е добиено бугарско државјанство може да биде откажана, ако лицето систематски и намерно го поткопува престижот на Република Бугарија, бугарските институции и националните интереси преку говор на омраза или извршило дејство од омраза против бугарската држава, нејзините граѓани и/или бугарските заедници во странство”.
Вака гласи предложениот нов став 5 кон членот 22 во Законот за измени и дополнување на Законот за бугарско државјанство, што го предлага бугарското Министерство за надворешни работи. Сите предложени измени се објавени на сајтот на МНР и на порталот за општествена консултација, можност која ќе трае до први декември.
„Целта на законскиот проект е да се создаде можност за откажување на натурализацијата во случај на намерни антибугарски манифестации од страна на лице кое се стекнало со бугарско државјанство”, се вели во Извештајот што го испратила до Владата вицепремиерката и министерка за надворешни работи, Марија Габриел.
„Стекнувањето државјанство со натурализација бара и обврски за почитување на бугарските закони, почит кон Бугарија и нејзините национални симболи и институции. Секоја форма или манифестација на омраза, нетрпеливост и агресија кон бугарската држава, нејзините граѓани и/или бугарските заедници во странство, не само што е недозволива, туку подразбира и отсуство на чувство за припадност кон бугарската држава“, навдува Габриел во Извештајот до Владата.
Свечен чин
Покрај ова, за оние кои во иднина ќе добијат бугарско државјанство, се предлага уверенијата да им бидат доделувани на посебна церемонија. За таа цел се предлага во постојниот член 37 да се додаде став 3 со следната содржина: „Лицата кои се стекнале со бугарско државјанство ги добиваат потврдите во Министерството за правда или во дипломатските и конзуларните претставништва на Република Бугарија во странство, на церемонија што се одвива по ред определен од министерот за правда, односно од министерот за надворешни работи“.
„Свеченото доставување на уверенијата дополнително ќе даде тежина на овој чин, кој исто така е израз на значењето што бугарската држава го придава на оваа важна промена во животниот и правниот статус на лицата“, образложила Марија Габриел.
Со предложените измени, при што биле земени предвид „сеопфатните функции доделени на Министерството за правда да одлучува во постапката за стекнување државјанство по основ на бугарско потекло”, се укинува второто дополнително тело – Советот при Извршната агенција за Бугарите во странство, кое е оценето како неефективно.
Според податоците на бугарското Министерство за правда од 2001 до 2022 година врз основа на бугарско потекло бугарско државјанство побарале 129.382 Македонци, а 99.340 од нив веќе го добиле.
DW