Времето на политичари кои политиката ја третираат како извор на моќ, слава и пари мора да заврши. Потребно е комплетно нов принцип на владеење кое ќе придонесе пред се за релаксирање на општеството од сите екстреми. Македонија е жедна за успеси, доста е од криминал, порази и понижувања. СДС и ДУИ мора да заминат во историјата, истакна портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Марија Митева.
Во продолжение ја пренесуваме прес конференцијата во целост:
ВМРО-ДПМНЕ има за цел да ја смени ваквата негативна реалност и затоа во периодот што следи континуирано ќе излегуваме со конкретни понуди и решенија. На општеството му недостасува развивање на вистински дијалог и дебата, а не насилство и политички гимнастики. Потребно е да ја промениме реалноста во Македонија, а со тоа ќе се променат и негативните вести кои ни го окупираат секојдневието. Да имаме нови, домашни и странски инвестиции, нови успеси во економијата, образованието, нови успеси во здравството и земјоделието. Затоа што политиката не треба да се базира на местени тендери, партиски вработувања, висок криминал и корумпираното судство. Тоа е традиција која мора да ја прекинеме ако сакаме вистински да ги промениме состојбите во Македонија кои со години го уништуваат системот и се главна причина за иселувањето на нашите сограѓани. Потребен е комплетен рестарт, потребна е политичка коалиција која ќе се базира на програмска определба и платформа за иднина која ќе значи вистински вредности, а не коалиција чија точка на спојување се бизнис зделките.
Силната економија ќе го подобри животниот стандард, реформите во образованието ќе придонесат да имаме минимум еден универзитет на Шангајската листа и ќе ги подобриме рангирањата на ПИСА тестирањето, социјалната политика ќе овозможи достоинствен живот за пензионерите, стимулативните мерки ќе овозможат нови можности за младите, ќе обезбедиме и стабилност за бизнис секторот, намалување на бирократија и дигитализација на администрацијата, нови инвестиции во енергетиката се само дел од визијата за промени.
ВМРО-ДПМНЕ има за цел да стави крај на искривеното нормално, скандалите и аферите кои секојдневно испливуваат на површина ќе станат минато, важно е да ја вратиме надежта кај граѓаните кои се иселуваат од Македонија.
извор: ВМРО ДПМНЕ