Агенција за филм: Вишиот Управен суд донесе решение дека проектите на „Банана Филм“ ДООЕЛ Скопје, „Кајмак“ и „Биста“ остануваат финансиски стопирани

Како инволвирана странка во овој процес можеме само да ја потврдиме информацијата дека Вишиот Управен Суд донесе решение дека проектите на „Банана Филм“ ДООЕЛ Скопје „Кајмак“ и „Биста“ остануваат финансиски стопирани од страна на Агенцијата за филм, велат од Агенција за филм, објави Република. 

Од таму потенцираат дека нема да ги коментираат судските одлуки се додека не се заврши целата постапка.

Имено, Вишиот Управен суд постапувајќи по жалбата на АФРСМ го одби како неосновано барањето на тужителот – Друштво за филмска продукција „Банана филм“ од Скопје за определување на времена мерка со која бара да се одложи од извршување Решението на Агенцијата за филм на Република Македонија, а кое се однесува на стопирање на новите проекти на продуцентската куќа на Милчо Манчевски.

Во образложението на судот се наведува дека жалбата на АФРСМ за првичната одлука на Управниот суд да го уважи барањето на тужителот „Банана филм“ да се одложи извршувањето по одлуката за времена мерка и замрзнување на проектите на тужителот е основана.

„Вишиот Управен суд од списите на предметот утврди дека Агенцијата за филм на РСМ донела решение од 10.05.2023 со кое во точка 1 од диспозитивот одлучила : Се прекинува натамошното финансирање и постапување на проектите „Кајмак“ и „Биста“ во продукција на продуцентот „Банана филм“ ДООЕЛ Скопје поради потреба од решавање на претходното прашање-постоење на основи на сомнение во однос на вистинитоста на изјавите од член 26 став 2 точка 5 од Законот за филмска дејност доставени како доказ од страна на продуцентот „Банана филм“ во наведените проекти. Во точка 2 од диспозитивот на решението органот одлучил: Постапките по проектите се прекинуваат додека да се реши прашањето за кое е надлежен суд односно јавен орган. Во точка 3 од диспозитивот на решението е одлучено ова решение влегува во сила со денот на неговото донесување““, пишува во дел од образложението на Вишиот Управен суд.

Оваа висока правна инстанца, Вишиот Управен суд најде дека Управниот суд го повредил законот на штета на тужениот орган.

Според Вишиот Управен суд сосема јасно од наведените законски одредби произлегува дека во секој случај треба да се цени дали извршувањето на актот би му причинило штета на тужителот која тешко може да се надомести , а истовремено се цени и јавниот интерес кој може да биде загрозен со донесување на одлука со која се одлага извршување на управниот акт.

Овој суд цени дека Управниот суд го зел во предвид само интересот на тужителот, занемарувајќи го јавниот интерес односно спорот за финансиското работење на продукцијата за кое АФРСМ донел одлука да ги стопира натамошните финансирања на проектите до расчистување на овие сомнежи.

извор: Република.