Како да се лекувате од настинка или грип?

0
120

Повторно дојде тој период од годината, кога затнат нос и здодевна кашлица почнуваат да се појавуваат насекаде. Има една изрека дека ако лекувате настинка, таа поминува за седум дена, ако ја оставите намира, таа поминува за една недела. Затоа, лекарите најчесто препорачуваат одмор и исчекување на симптомите.

Со генерации, безброј домашни лекови, како шолји топол чај или супи и разни билки, помагаат за справување со симптомите на настинка и грип, како што се болки во грлото или затнатост. Научниците истражувале колку се ефикасни некои од тие народни лекови, колку често треба да се користат и кои комбинации најдобро функционираат. Но, студиите често се мали или не покажуваат меродавен заклучок.

Сепак, експертите признаваат дека нема никаква штета во усвојувањето практики кои можат да направат да се чувствувате подобро кога сте болни, дури и ако тие на крајот даваат плацебо ефект.

Еве што знаеме и што не знаеме за некои од најпопуларните лекови кои ветуваат барем малку.

Зајакнување на имунолошкиот систем: витамин Ц, бозел и цинк
Постојат некои докази кои сугерираат дека одредени витамини и состојки во домашните лекови – како витамин Ц, бозел и цинк – можат, во најмала рака, да го стимулираат имунолошкиот систем и малку да го скратат времетраењето на симптомите.

За ефективноста на витаминот Ц сè уште се дебатира. На пример, телото не е во можност да складира високи дози на витамин Ц, како оние што се наоѓаат во суплементите, а вишокот на витамин Ц обично се излачува преку урината. Некои клинички испитувања покажаа дека времето кога земате витамин Ц може да биде од клучно значење за неговата ефикасност: сеопфатна мета-анализа на испитувања на витамин Ц објавена во 2013 година, на пример, сугерира дека редовното земање, дури и пред да почнете да се чувствувате болни, може да го скрати времетраењето на настинката за еден ден или повеќе. Но, земањето витамин Ц откако веќе сте развиле симптоми не покажува позначајни придобивки.

Во некои студии, бозелот, честа состојка во сирупите за настинка и грип, особено оние наменети за мали деца, го крати времетраењето на симптомите кога се зема пред или веднаш на почетокот на болеста.

Слично на тоа, истражувањето за цинкот сугерира дека земањето сирупи и пастили кои го содржат елементот во траги на секои три до четири часа може да ја намали должината на настинката или грипот за ден или два, потенцијално со спречување на размножувањето на вирусите. Други анализи заклучија дека нема доволно докази за да се каже дека е подобро од плацебо.

Пиење течности и смирување на болките во грлото: чаеви, супи, ѓумбир и куркума
Болката во грлото е често природен резултат на воспаление создадено кога вашиот имунолошки систем се бори против вирусот сместен во горните дишни патишта. Отокот и болката може да го отежнат голтањето храна и пиењето течности. Ова на крајот го прави вашето грло уште посуво. Кашлицата може дополнително да ги влоши работите. Останувањето хидриран со пиење обична вода, топли чаеви, чорби или супи може да ви помогне да се чувствувате поудобно.

Во многу култури, ѓумбирот е една од првите работи по кои луѓето посегнуваат кога се соочуваат со болно грло. Често се натопува во врела вода заедно со други билки за да се направат смирувачки чаеви или се додава во пилешка супа. И, тоа се покажува исправно. Неколку студии открија дека ѓумбирот може да има антиинфламаторни својства кои можат да помогнат во олеснување на отокот.

Коренот на куркума, растение од семејството на ѓумбирот, кое потекнува од Југоисточна Азија и долго време се користи во медицинските практики во Индија, исто така може да го намали воспалението. Но, неговите ефекти се тешко докажливи бидејќи главното соединение во коренот, куркуминот, не се апсорбира лесно во телото и додатоците на куркумин може многу да се разликуваат во составот. Јадењето куркума во храната или мешањето со масна супстанција, како што е масло за јадење или топло млеко, може да ви помогне да ги апсорбирате повеќе придобивките од куркуминот. Додавањето црн пипер исто така може да помогне во неговата апсорпција.

Контрола на кашлица: солена вода и мед
Ако вашето болно грло се мачи и со кашлица, жабуркање со солена вода може да биде корисно решение. Измешајте околу половина лажичка сол во полна чаша топла вода и вртете ја околу устата и задниот дел од грлото неколку секунди пред да ја исплукате. Секој вид сол што го имате дома може да делува.

Лекарите често препорачуваат гаргара со солена вода како начин за ублажување на болката во устата или задниот дел на грлото и подобрување на севкупното орално здравје. Жабуркањето помага да се олабави густата слуз и исто така може да ги отстрани надразнувачите како бактериите, вирусите и алергените од вашето грло. Употребата на солен раствор обезбедува дополнителна корист затоа што го извлекува вишокот течности од воспаленото ткиво.

Додавањето мед во растворот за жабуркање, или во кој било чај или топол пијалок, може да има сличен смирувачки ефект. Медот делува како омекнувач, што значи дека ги смирува иритираните ткива премачкувајќи ги.

На крајот, што и да одберете, веројатно нема да згрешите – затоа барајте го лекот што најмногу ви одговара, додека не го најдете вистинскиот.

 

DW