Турција: По обилните дождови покачено нивото на морето, поплавени улици во повеќе подрачја на Измир

Обилните врнежи од дожд синоќа предизвикаа покачување на нивото на морето и поплави во Измир, па улиците во областите Каршијака и Конак беа под вода, а надлежните служби и спасувачките екипи интервенираа на терен, јавува Анадолу.

Поплавени се голем број деловни и станбени објекти на крајбрежјето, а мештаните ги спасуваа своите возила тргајќи ги подалеку од брегот.

Градските служби до утринските часови работеа на чистење на каналите за повлекување на водата.

Силниот ветар дополнително ја отежна ситуацијата, а противпожарната спасувачка екипа со чамци евакуираше музичари кои свиреле во еден од поплавените клубови.

Градските власти соопштија дека нивото на морето е покачено за еден метар и дека сите надлежни служби се на терен за да им помогнат на погодените.