Згаснува клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид

0
104

Комисијата за употреба на имиња на личности на денешната седница даде негативно мислење за употреба на името Цар Борис III во називот на Здружението за афирмација на културните вредности на македонските бугари „Цар Борис III“ во Охрид.

Заклучокот од седницата ќе се проследи до министерот за правда кој ќе треба да донесе решение по претходно добиеното негативно мислење од Комисијата.

– Комисијата за употреба на имиња на личности смета дека евентуалното именување на здружението со таков назив предизвикува тензии и нетолеранција во целото македонско општество. Се наведе дека тој е одговорен за злосторства извршени за време на бугарската окупација на Македонија во Втората светска војна, при што се ликвидирани стотици граѓани. Посебно беше потенцирано мислењето дека неговата соработка и сојузништво со Третиот рахј и нагласената антисемитска политика се најдирекно одговорни и за депортацијата и екстерминацијата на илјадници Евреи од Македонија во логорот на смртта Треблинка, се наведува во соопштението.

Здружението „Цар Борис III“ неодамна поднесе дополнителни документи до Централниот регистар за усогласување со Законот за здруженијата и фондации и со тоа доби дополнително време, односно предметот за ова здружение не е разгледуван на последната седница на Комисијата за употреба на имиња. Комисијата донесе негативно мислење за употреба на името „Иван Михајлов“ во Битола.

Согласно измените на Законот за здруженија и фондации се забранува граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, Третиот рајх и сл. Законот е со ретроактивно дејство и се однесува на веќе регистрираните здруженија и фондации и предвидува оние што нема да постапат според наведените измени, да се бришат од регистарот откако одлука ќе донесе министерот за правда.

Комисијата за употреба на имиња на личности ја сочинуваат пет члена од кои по еден претставник од министерствата за правда и за култура, еден од Институтот за национална историја и двајца, кои доаѓаат од редовите на МАНУ.