Бројот на Австријци кои живеат во сиромаштија зголемен за повеќе од половина

Бројот на Австријци во апсолутна сиромаштија се зголеми за повеќе од 50 отсто – од 201.000 во 2022 година на 336.000 минатата година, објави денес австрискиот Завод за статистика, јавува Анадолу.

Во однос на населението, ова претставува зголемување од 2,3 отсто во 2022 година на 3,7 отсто во 2023 година. Ова е највисока бројка во последните пет години.

Според бројките презентирани од Статистика на Австрија, луѓето не биле во состојба да си дозволат многу секојдневни вообичаени работи, како што се кирија, греење или храна и неочекувани трошоци до 1.370 евра.

Децата и младите се релативно повеќе погодени од сиромаштија отколку возрасните. Околу 5,3 отсто од луѓето на возраст под 18 години (88.000 луѓе) биле значително материјално и социјално загрозени во споредба со 1,9 отсто од лицата над 65 години (30.000).

Според Статистика на Австрија, ризикот од сиромаштија останува главно стабилен и покрај високата инфлација. Процентот на засегнатите лица се зголеми за 0,1 процентен поен на 14,9 отсто, односно околу 1,3 милиони луѓе во Австрија.

Самохраните родители со 41 отсто се особено изложени на ризик од сиромаштија, а семејствата со најмалку три деца со 31 отсто.

Според Статистика на Австрија, процентот на луѓе во ризик од сиромаштија би бил дури 42 отсто без државните социјални бенефиции.

„Зголемувањето на цените на храната, кириите и енергијата ја влоши состојбата на луѓето што живеат во сиромаштија“, изјави австрискиот министер за социјални работи Јоханес Рауч за австриски ОТС (OTS).

„Ова е срамно за земја како Австрија“, нагласи Рауч.

Министерот ја опиша зголемената сиромаштија кај децата во Австрија како „загрижувачка“ и рече: „Фактот дека децата треба да растат во сиромаштија е целосно неприфатлив за мене.“

Податоците од Статистика на Австрија произлегуваат од истражување на околу 6.000 австриски домаќинства како дел од годишното истражување на ЕУ-Силц.

извор:Анадолу.
фото:Анадолу.