Пишува Неговото Високопреосвештенство г. Агатангел, Митрополит ПОВАРДАРСКИ
По толку многу национални предавства, што како општество во последната декада моравме да ги проголтаме и преживееме, изјавата на нашиот поглавар и архиепископ г.г. Стефан беше доживеана како растоварување на тешко бреме, како некакво олеснување, како мелем на лута рана, како родителски збор на утеха по претрпени неуспех и неволја.
Неговото Блаженство многу јасно, концизно и прецизно ги образложи условите за впишување на Македонската православна црква – Охридска архиепископија во диптихот на Цариградската патријаршија што, пак тие, без никаква канонска основа помпезно го нарекуваат “единствен валиден томос за добивање автокефалност“.
Огромни беа позитивните реакции во македонската јавност за нашиот правилен став, односно за правилниот курс што го држи нашата автокефална и света Македонска црква, заедно со нејзините епископи. Македонците се силно и емотивно поврзани со својата Црква, знаат добро дека само таа, како наша духовна мајка, ни остана недопрена од силниот виор и налетот на страшните црнила, кои преку своите пизми и поделби рушат сè пред себе, особено она што како вечна и сенационална вредност останало традиционално и македонско. Затоа и беа во шок дежурните фанариоти, кои веднаш побрзаа да ги искажат своите испревртени и неаргументирани ставови, плашејќи се дека ќе им биде одземен уште еден квадратен метар од нивниот простор за маневрирање со нивните дрски манипулации.
Претходно, многумина од нас ја кажаа вистината во однос на овие прашања и темелно ги образложија сите замки и лицемерства. Нашиот возљубен и верен македонски народ иако од прва ја сфати подлата игра околу нашата неприкосновена автокефалност, сепак меѓу неговите редови на момент се фрли една рака на сомнежи што предизвикаа несигурност, па затоа и силна беше радоста кога архиепископот ги извади работите на чистина и со само неколку реченици ја растера маглата и ја проветри собата во која почнуваше да се собира тежок и застоен воздух, кој сè што дише го задушува.
Затоа, фокусот на ова мое обраќање нема да биде задржан на плитките и тесногради самонаречени “експерти“, кои имаат амбиции да креираат црковна политика и да влијаат на линијата на нејзиното историско движење, иако претходно немаат направено ниту два основни чекора во Црквата. За нас се тие целосно разобличени.
Секому од нас му се кристално јасни нивните нечесни намери, па затоа нема ни потреба со нив посебно уште еднаш да полемизираме. Иако надворешните негатори на нашата автокефалност се конечно изнесени на чистина, сепак, мораме да признаеме дека и кај нас, во нашите редови, сè уште постојат наивци, за кои сакам да верувам дека брзоплето и несвесно се фаќаат на јадицата на фанариотите и веруваат во нивните слатки лаги и неостварени соништа за некаков претстоен антицрковен и неканонски “папизам“, кои тие го китат и ни го претставуваат како единствено валидно решение, како “традиционална“ постапка за добивање автокефалност, како последна инстанца за пресудување за сите важни црковни прашања. Занесени од овие опасни идеи, кои ако не се зауздаат на време можат да доведат до погубна поделба во Црквата Христова и православието, некои од нашите се дрзнаа безочно да го толкуваат и да полемизираат со архиепископот, што за мене претставува основна духовна прелест и самоизмама. Тие се сопнаа на првото скалило на духовноста, што за мене е катастрофално, разорно и несфатливо.
Старецот Јосиф Спилеот, од кого сите помалку или повеќе учевме за начелата на духовниот живот, на едно место буквално ни ги пренесува зборовите што му ги кажал неговиот тогашен духовник во светот, пред да замине да се подвизува на Света Гора Атонска. На неговата исповед дека е загрижен оти таму нема ред и во некои делови владее распуштеност, духовникот му рекол: “Појди синко, најди некој Старец, па колку и да ти се чини несовршен, немој лично да го преиспитуваш, туку потчини му ја својата волја и така движи се кон своето спасение“.
Кај нас во Црквата, се знае кој има првенство, односно секој си го знае своето место. Никој себично и горделиво не се промовира и истакнува. Напротив! Во Црквата владеат љубовта, меѓусебната почит и разбирањето, па затоа никој не се ни дрзнува да проповеда по беседата на архиепископот, да објаснува и од никој неповикан да ги поправа неговите зборови и искази. Впрочем, кој е повеќе информиран од нашиот поглавар за овие прашања? Ако нешто не ти е јасно, оди и побарај благослов да ти се објасни, кажи отворено ако за нешто не се согласуваш, кажи ги твоите видувања, но немој од ракав и непроверено нешто да тврдиш и да се бламираш, бидејќи внесуваш смут во јавноста преку твојата непромислена дрскост. Точно, имаш право и повикан си да ја сведочиш вистината, точно е дека Црквата не ти ја одзема слободата на говор и личното мислење, но задржи ја барем основната култура и испочитувај ги правилата на однесување кога е во прашање нашиот врховен старец, без разлика колку тој и да ти се чини несовршен и со голем број слабости. Спасението на твојата душа не зависи од твојата бритка мисла или бистар ум, туку од твоето послушание, од твојата љубов спрема обичниот ближен. Ако послушанието, почитта и љубовта се основна норма во односот кон твојот брат, колку ли ова е вредно и важи за твојот надреден првосвештеник. Ова веројатно не е сфатливо за некој белосветски експерт и фалбаџија, за него тоа е понижување и ускратување на некакво негово лично право, но за нас од Црквата ова не е туѓо, срамно и натурено, туку е евангелско начело воспоставено од Исуса Христа, преку апостолите, па сè до Светите Отци и подвижници.
А што толку лошо кажа Неговото Блаженство архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан? Одбраната на нашето име ли треба да ни биде камен за сопнување? Од кога тоа Црквата ги проблематизира националните чувства на поединецот и на народите? Ние немаме проблем со ниедна националност. Оној што на сила ни наложува како да се определуваме, тој нека се прпелка во своето лицемерство. За да го избавиме од ваквата нездрава состојба, единствено можеме да му помогнеме ако не го поддржуваме во неговиот срам. И тие ни се браќа во Христа и за нив имаме извесна одговорност, како што имаме за секоја личност во овој од Бога создаден свет. Затоа, треба особено да внимаваме и самите, со нашите постапки, да не ги воведеме во грев и искушение. Битно е да не се фаќаме на нивните небулози. Еден од нив, неодамна за македонските медиуми јавно и без перде кажа (или повеќе тропна) дека требало да бидеме среќни што тие ни давале илјадагодишна историја, тие ни ја давале Охридската архиепископија. Замислете, до каде одат во својата гордост и суета!? Што, да не имаат некоја скриена ризница со истории, имиња и територии врз кои имаат ексклузивни права и напишани тапии, а ние да не го знаеме тоа? Ова е исто толку бесмислено и забегано како и да тврдиш дека на Ердоган си му го дал Истанбул, а на Бугарите – Софија.
Во неможност да имаат сопствени верници на териториите на кои од Бога им е дадено да ја спроведуваат мисијата, тие посегнуваат по туѓи дијаспори, каде што ниту сееле, ниту пак имаат право да жнеат. Видовме што направија со Украина. Во томосот што ним им го дадоа ја ограничија Црквата на територијата на државните граници. А како тоа Црквата и нејзината спасителна мисија може да се уоквири и урами? Точно е, има канонски правила за немешање на територија што е под духовна власт на друг епископ, но во светот има толку многу места каде што може да се посее семето Христово и таму не треба да му се спречува никому да појде и да ги евангелизира тамошните народи. Која е нивната логика? Откако ќе формираш црковна заедница некаде по светот, да се јавиш во Истанбул и да побараш од нив да определат кого таму ќе устоличат? Ова практично ќе биде предавство на тамошните парохјани, зашто сите нас праксата нè научила дека луѓето се врзуваат за своите духовници. Впрочем, секој епископ, свештеник и ѓакон се избираат и ракополагаат пред заедницата на верниците од локалната црква, а не се поставуваат административно од некој подрумски центар што е зафрлен во некоја далечна и непозната територија. Затоа, треба да бидеме внимателни во однос на овие прашања, не смееме да си го повредиме и соблазниме народот. Да си ја чуваме нашата света Македонска православна црква – Охридска архиепископија, да си го слушаме и следиме нашиот кроток и добар архиепископ, зашто он нам ни е даруван правилно да раководи со словото на Божјата вистина.
______________
Превземено од порталот novamakedonija.com.mk