Покрената е голема операција за спасување на 13 лица кои исчезнаа во Егејското Море откако товарен брод под знамето на Коморски острови потона кај грчкиот остров Лезбос.
Крајбрежната стража соопшти дека поморски хеликоптер презел член на екипажот од товарниот брод РАПТОР и бил префрлен во болница на Лезбос.
Новинскиот портал Ерт јави дека египетскиот државјанин бил пронајден како лебди на буре, и дека и покрај раните на главата, тој е во добра здравствена состојба.
„Тој е во шок“, изјави портпаролот на крајбрежната стража, Никос Алексиу, за агенцијата АФП.
Судбината на останатите 13 лица од бродот се уште не е позната.
Во спасувачката операција се вклучија осум товарни бродови, три брода на крајбрежната стража, хеликоптери на воздухопловните сили и на морнарицата.
Властите соопштија дека во неделата рано наутро, на 26 ноември, товарен брод натоварен со сол, со 14 членови на екипажот, потонал на 4,5 наутички милји (8,3 километри) југозападно од Лезбос, во близина на брегот на Турција. Бродот долг 106 метри, изграден во 1984 година, исплови од Египет и се упати кон Истанбул.
Грчката новинска агенција АНА, повикувајќи се на компанијата што управува со бродот со седиште во Либан, објави дека екипажот вклучувал 11 Египќани, двајца Сиријци и еден Индиец. Според властите, бродот првпат пријавил механички дефект во 7 часот по локално време. „Во 8:20 часот, капетанот активирал сигнал за помош пред бродот да исчезне од радарот“, изјави Алексиу за АФП.
За време на викендот, бродови останаа закотвени во неколку делови на Грција поради силните бури. Националната метеоролошка служба на Грција го зголеми своето предупредување од „влошување на времето“ на „опасно време“ додека бурата наречена „Оливер“ (позната и под називот „Бетина“ се движи од Јадранското Море кон Грција.
Извор: АФП