Во манастирот Пречиста во Кичево ќе се одржи Чествувања за празникот Воведение на Пресвета Богородица

Големиот празник Воведение на Пресвета Богородица – Пречиста, кој се смета за еден од дванаесетте големи христијански празници, достојно ќе биде одбележан во манастирот Пречиста Кичевска.

Со особена радост ве покануваме на сеноќното молитвено бдение во Манастирот Пречиста Кичевска, по повод големиот празник Воведение на Пресвета Богородица – Пречиста, што ќе започне во недела, на 3 декември, во 21 часот, информираат од Бигорскиот манастир.

На бдението молитвено ќе претстои Старецот Епископ Антаниски г. Партениј, кој ќе чинодејствува со Божествената Литургија на крајот од бдението.

Оваа година голема чест и благослов за нас ќе биде и присуството и молитвеното учество на Старецот на ќелијата на Света Ана во Кареја на Света Гора, сепреподобниот јеромонах Антипа, кој е мошне познат духовник и проповедник, одличен познавач на православната теологија и еклисиологија. Тој ќе допатува со браќа монаси, коишто со своите светогорски напеви ќе го збогатат празничното бдение, додаваат од манастирот.

Отец Антипа во недела, со почеток во 8:30 ч. ќе богослужи Света Литургија, на која молитвено ќе присуствува и Преосветениот Епископ г. Партениј.

Манастирот „Св. Богородица Пречиста“ во Кичево или Пречиста Кичевска е женски манастир, се наоѓа јужно од градот, во општина Другово на падините на планината Цоцан, на надморска височина од 920 метри.

Манастирот е познат и како Крнински манастир кој името го добил според селото Крнино, кое денес не постои. Според преданијата самиот Бог, го одредил местото за градба на манастирски комплекс. Локалните жители одлучиле да градат, па оставале икона да преноќи. Но утрото иконата ја немало, Бог ја преместувал над изворот, местото каде денес е лоциран манастирот, кој се градел четири години од 1316-та година до 1320-та година.

Низ историјата манастирот бил опожаруван трипати и повторно обновен. Денешниот велелепен храм изграден од камен, во прекрасната живописна природа, датира од 1848 година, а за неговото возобновување најголем придонес дале Мијаците од долнореканските села. Монашкиот живот се возобновен во 2016 година.

По традиција се очекува големо присуство на верници од поширокиот регион и други градови од државава.

извор: Република