Ковачевски и Мицкоски ќе разговараат за техничка влада, но без медиуми

Премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на најголемата опозициска парија ВМРО-ДПМНЕ ќе се сретнат за да разговараат за техничка влада пред избори. Но, како што вели премиерот, таквата средба нема да биде најавена преку медиумите. Средба ќе има откако партиските органи на СДСМ претходно ќе заседаваат, рече премиерот и лидер на СДСМ.

„Ќе биде еден нормален разговор за реализација на тоа што е определено, согласно законот, односно распределба на ресорите во техничката Влада, изгласувањето на таа техничка Влада во Собрание“, рече Ковачевски на 20 декември, одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето на обновениот пат Битола-Меџитлија.

Ковачевски вели дека сите политички партии во Парламентот комуницираат на темата техничка влада.

На лидерска средба во Собранието на 4 декември беше договорено да се одржат избори на 8 мај следната година. Тогаш ќе се бира претседател на државата и пратеници во Собранието.
Според закон, 100 дена пред избори треба да се формира техничка влада. Тоа би се случило некаде на 27 или 28 јануари. Распишувањето на изборите, пак, ќе се случи на крајот на февруари.

На 100 дена пред избори, премиерот Димитар Ковачевски ќе си даде оставка, а неговото место ќе го заземе кадар предложен на ДУИ што беше коалициски договор на владините партнери.
Во техничката влада со министри за внатрешни и за труд и социјална политика, како и тројца заменици (за финансии, за земјоделство и за информатичко општество и администрација) предвидено е да биде застапена опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Извор: slobodnaevropa.mk