Во следните пет до шест денови под влијание на висок воздушен притисок (Антициклон) времето во Македонија ќе биде стабилно, суво, сончево и натпросечно топло, особено на повисоките места и на планините. По котлините ќе има појава на магла, и таа понекаде ќе се задржи во најголем дел од денот, па така и температурите во овие места ќе останат пониски.
Температурите во следниот пеиод ќе бидат повисоки дури за 8 до 10 степени од нормалните за овој период од годината. Максималните дневни температури на воздухот ќе се искачуваат во интервалот 8 до 15 степени, а наутро тие на повеќе места ќе се спуштаат до околу нулата, освен само на некои места каде ќе се спуштаат само за неколку степени под нулата.
Во Скопје и околината во следните денови ќе се создават услови за појава на магла и на ниска облачност. Наутро температурата ќе се спушта во интервалот помеѓи -1 и 0 а максималната дневна температура на воздухот ќе се искачува во интервалот помеѓу 8 и 10 степени.
Според последните анализи со кој располагаме, за време на новогодишната ноќ и оваа година нема да имаме снежна идила и нови снежни врнежи, што значи дека вистинската зима ја очекуваме по нова година.
- На сите граѓани од Католичка вероисповест им посакуваме среќен Бадников ден и среќен Божиќ, каде и да се, со кого и да се прекрасно да си поминат и вечно да си го слават овој голем празник!, најавува метеопрогнозерот Славчо Попоски.