Смртоносни бури во Австралија

Девет лица, меѓу кои и едно дете, загинаа во невреме на источниот брег на Австралија каде повеќе од 80.000 домаќинства останаа без струја, соопштија денеска властите.

Настраданите се во провинциите Квинсленд и Викторија кои од понеделникот беа погодени од бури и силни ветрови, кои соборија дрвја и предизвикаа поројни поплави, објави DW.

Брод со 11 лица се превртел кај Бризбејн, кога се удавиле тројца мажи, извести полицијата која денеска по несреќата пронашла трето безживотно тело. Осум лица од тој брод се префрлени во болница.

Последните 24 часа беа трагични поради временските услови, изјави за новинарите началникот на полицијата во Квинсленд, Катарина Керол.

Во Гимпи, на истокот на земјата, две жени загинаа во водената стихија.

Областа Квинсленд и натаму е изложена на ризик од опасни бури и поплави кои потенцијално можат да бидат смртоносни, како и силен град и разорни ветрови, предупреди австралиската метеоролошка служба.

Повеќе од 80.000 домаќинства сѐ уште се без струја, соопшти регионалната електрокомпанија „Енергекс“, која вчера информираше дека 120.000 корисници се погодени од прекини на струја.

Компанијата на социјалните мрежи соопшти дека невремето уништило и неколку високонапонски бетонски столбови.

Додека истокот на Австралија е погоден од силни бури, западниот дел од огромниот континент страда од суша и шумски пожари. Австралија е особено погодена од климатските промени. Извештајот на Светскиот совет за клима од февруари 2022 година предвидува дека земјата во иднина уште почесто ќе биде погодена од разорни природни катастрофи.

извор:DW