Студентката Викторија Поповска заврши пракса во канцеларијата на конгресменката Деби Дингел

Американката со македонско потекло Викторија Поповска, студентка по новинарство на Универзитетот Бостон, ја заврши програмата во Конгресот на САД финансирана од првата амбасадорка на Македонија во Вашингтон Љубица Ачевска.

Поповска беше практикантка во канцеларијата на демократската конгресменка од Мичиген Деби Дингел.

Програмата на Ачевска почна минатата година, а ја реализира Обединетата македонска дијаспора (ОМД). Таа важи само за Македонците кои живеат во САД, со цел да им се даде можност да се запознаат со американскиот законодавен процес преку пракса со член на Конгресот.

„Беше чест да ја имам Викторија, првата практикантка на иницијативата Ачевска, во мојата канцеларија оваа есен. Викторија е вредна работничка и интелигентна млада жена. Како прва жена македонска дипломатка, амбасадорката Ачевска ги охрабрува жените како Викторија за генерациите што доаѓаат. Целиот наш тим е уверен дека Викторија ќе продолжи да ја води и да и служи на својата заедница, и ѝ посакуваме многу среќа во нејзините идни напори“, рече конгресменката Дингел, а објави ОМД.

Амбасадорката Ачевска, почесен член на Советот на ОМД, рече дека е среќна оти Поповска имала можност да учи од лидерка како Дингел.

Поповска најави дека ќе го искористи тоа искуство во иднина.

 

VOA