Албанскиот министер за одбрана Нико Пелеши, објави дека до крајот на месецов во „арсеналот на вооружените сили на земјата ќе се додадат два американски хеликоптери „Блек хок“ (Black Hawk)“.
-Голема инвестиција и важен чекор што ќе ни ја даде потребната моќ и посветеност за поефикасно и побезбедно извршување на тактичките мисии и итни операции. Оваа долгоочекувана вест на почетокот на оваа година, во соработка со нашиот партнер и стратешки сојузник САД, е јасен знак дека нашата земја инвестира во својата сила и безбедност, правејќи ја Албанија побезбедна земја и подготвена за предизвиците во иднина, напиша Пелеши на Фејсбук.
Двата средно-двомоторни хеликоптери „Блек хок“ (Sikorsky UH-60 Black Hawk) ќе бидат сместени во воздухопловната база Фарка, за што е изграден нов хангар за што се потрошени околу 3,5 милиони евра.
Повеќенаменскиот хеликоптер „Блек хок“ е во служба на армијата на САД и вооружените сили на 34 други земји ширум светот.
Претходно министерот Пелеши најави дека земјата ќе ја вооружува својата војска со системи за воздушна одбрана со краток дострел „Стингер“ (Raytheon FIM-92 Stinger) и противтенковски ракетни системи „Џавелин“ (Raytheon/Lockheed Martin FGM-148 Javelin).
Како што неодамна најави премиерот Еди Рама, набрзо три беспилотните летала „Бајрактар“ ќе станат дел од вооружените сили, кои според него припаѓаат на „највисока технологија на летање што се користи за воени, полициски и цивилни мисии“. Договорот беше потпишан во декември 2022 година, за шест летала, во вредност од осум милиони евра.
Албанија има мала армија од околу 6.600 припадници, петта најмала меѓу земјите-членки на НАТО, по Луксембург, Црна Гора, Северна Македонија и Словенија, не сметајќи го Исланд, единствената членка на НАТО што нема војска.