Обвинителство за „360 степени“: Нема опасност за компромитација на истрагата за убиствата на Вања и Панче со објава на видеоснимки

Сите потребни докази за утврдување на траекторијата на движењето на осомничените се обезбедени и оттука не постои никаква опасност за компромитација на истрагата за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски со објава на снимки од видеонадзор на објекти.

Ова за „360 степени“ го одговорија од Основното јавно обвинителство Скопје откако попладнево контроверзниот српски политичар Срѓан Ного на социјалните мрежи најави дека утре ќе објави снимки од грабнувањата на Вања и на Панче, како и други снимки од грабнувачите кои биле забележани од камери за видеонадзор.

„Јавното обвинителство ги има обезбедено сите потребни докази за утврдување на траекторијата на движењето на осомничените. Од тие причини не постои никаква опасност за компромитација на истрагата со објава на снимки од видео надзор на објекти. Сепак, лицата кои ги објавуваат овие видеоснимки треба да размислат за етичноста на ваквите објави и за вознемирувањето што го предизвикуваат кај семејствата на жртвите“, велат од Обвинителството.

Српскиот политичар Срѓан Ного, поранешен пратеник и член на десничарската и националистичка партија Двери во Србија, во две засебни објави на социјалните мрежи соопшти дека утре ќе објави ексклузивни видеоснимки од киднапирањата на Вања и нс Панче, за чие грабнување и убиство првоосомничен е Љупчо Палевски-Палчо.

Текстот во целост на: „360 степени“