Првиот турски астронаут се подготвува за историската мисија до Меѓународната вселенска станица

0
117

Првиот патник во вселената од Туркије се подготвува за историската мисија до Меѓународната вселенска станица (ISS) кон крајот на овој месец, јавува Анадолу.

Полковникот Алпер Гезеравџи, дел од екипажот на мисијата „Аксиома 3“ (Ax-3), треба да замине вечерта на 17 јануари од американската сојузна држава Флорида, со мисија која има големо значење за неговата земја.

Во изјава за Анадолу, Гезеравџи го истакна поширокото влијание на мисијата: „Се впуштаме во многу значајна мисија која ќе ја зајакне самодовербата на идните генерации и нема да остави простор за ограничување на нивните соништа.“

Патувањето вклучува 14-дневен карантински процес, задолжителен за вселенските мисии, што започна во 1:11 часот по локално време на Флорида. Гезеравџи ја нагласи важноста на карантинот за здравјето на астронаутите кои се веќе стационирани на Меѓународната вселенска станица.

Во врска со карантинот во пресрет на мисијата, Гезеравџи рече: „Тоа е животен простор изолиран од надворешниот свет. Сите наши потреби ни се подмирени без да го напуштиме објектот во кој се наоѓаме. Ние сме во средина во која ги разгледуваме и повторуваме сè за обуката што ја добивме во текот на 8-месечниот период, а сме фокусираме и на финалните оперативни подготвителни процеси.“

Астронаутот се осврна и на уникатните предизвици на патувањето во вселената, меѓу кои и подготовката на оброци за консумирање на Меѓународната вселенска станица. Гезеравџи објасни дека капсулата „Кру драгон“ ќе носи оброци, а процесот што започна во април 2023 година вклучува одредување на претпочитаните групи храна наместо фиксно мени.

Гезеравџи сподели и детали за враќањето: „Одредени се различни места за слетување во источниот и западниот дел од државата Флорида. Ќе го планираме нашето слетување каде што временските услови и ситуацијата на морската површина се погодни за датумот кога се враќаме.“

Туркије го избра Гезеравџи, пилот на Ф-16 во Турските воздухопловни сили, како прв вселенски патник од Туркије минатата година за време на големиот технолошки настан ТЕХНОФЕСТ.

Турската вселенска агенција е основана во 2018 година и ја објави својата вселенска програма во 2019 година, како и намерата да испрати мисија со екипаж во вселената.

извор:Анадолу.

фото:Анадолу.