Муцунски: Иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за времена мерка за патните исправи ќе ја спречи голготата низ која поминуваат граѓаните

Ако целокупната состојба ја сумираме со зборот срамно е преблага за тоа што секојдневно се случува на македонските граѓани при обидот да извади нов личен документ, при обидот да извади нова патна исправа, односно при обидот за нормално вршење на секојдневните услуги од државата, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски, во вечерашното интервју во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, во однос на промената на личните документи на граѓаните.

Муцунски потенцираше дека различните изјави на претседателот на државата, премиерот и министерот за надворешни работи јасно покажува дека немаат комуникација и дека власта нема стратешка цел.

Излегува претседателот на државата и вели ова е срамно. Апсолутно се согласувам со него. Целосно е во право претседателот Пендаровски. Премиерот потоа вели дека очекува претседателот да се слушне со претседателката на Грција. Претседателот потоа го возвраќа ударот кон премиерот, заборавајќи дека тоа е една иста извршна власт која што треба да комуницира и да ги решава работите и рече дека тоа е обврска на премиерот да ја реши. Премиерот неколку пати јавно изјавува дека треба да се разгледа решение, за министерот за надворешни работи денеска да каже дека проблемот е нерешлив. Ова се луѓето кои што имаат обврска, законски и уставни надлежности да решаваат ваков тип на предизвици кога истите постојат во системот. Десет дена од сите тројца слушаме различни изјави, рече Муцунски.

Потпретседателот Муцунски додаде дека во моментот МВР нема направено набавка на обрасци укажувајќи дека граѓаните и покрај тоа што се сликале за нови патни исправи нема да може да им се издадат новите патни исправи.Проблемот е што во моментот МВР нема направено соодветна набавка и ние можеме да бидеме во ситуација во следните неколку месеци да имаме луѓе кои што биле сликани, но не може да им се издадат патни исправи, и дури да се најде решение на сето тоа, секако прв приоритет на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ посебно во делот на управната функција на државата во рамки на МВР ќе биде да се најде итно решавање на овој пробелм, изјави Муцунски.

Во однос на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ до Уставниот суд за времена мерка, рече дека уставните судии треба да ја прифатат се со цел да ја спречат голготата низ која поминуваат граѓаните.

Уставните судии сега имаат една специфична предност да можат да решат голгота на илјадници граѓани, а истовремено да изврѓат една пошироко општествена правна функција а тоа е да спречат непоправлива штета, нагласи Муцунски.

Која е фунцкијата на времената мерка? Имаме иницијатива која сметаме дека треба да се разгледа за да не се создадат по однос на оваа иницијатива и се што е во нејзината содржина било какви негативни последици во државата, се носи времената мерка и ние добиваме и техничка помош од гледна точка на тие предизвици кои што ги имаме во овој момент, заклучи Муцунски.