Граѓани се жалат до Народниот правобранител дека Министерството за внатрешни работи не го почитува законскиот рок за издавање на патни исправи. Омбудсманот Насер Зибер тврди дека МВР има недостиг на обрасци за патни исправи, како и за другите документи, објави slobodnaevropa.mk.
Г-дине Зибери, обврската за менување на личните документи изминатиот период предизвика огромен метеж на пунктовите на МВР. На што се жалат граѓаните кои поднесоа претставки до вас?
Претставките воглавно се однесуваат на две прашања, првото е неможноста да закажат термин за стекнување со лични документи, а второто е проблемот за надоместокот за трошоците за обновување на документи кои согласно законските решенија се валидни, а поради измените на Уставот на 12 февруари стануваат неважечки.
Вие две години зборувавте дека трошокот за вадење на нови документи при постоење на веќе важечки да бидат на сметка на буџетот, каков одговор добивте од институциите, кои не го спроведоа вашето барање ?
Ние баравме Владата, односно државата да ги сноси тие трошоци, за сите граѓани, кои по стапување на сила на измените на Уставот и стапување на сила на уставниот закон за спроведување на амандманите, се стекнале со нови документи со старото име на државата, а заради измени на Уставот ќе бидат неважечки, бидејќи сметаме дека државата по стапување на сила на уставните измени не смеела да издава лични исправи со стари обрасци, односно со името Република Македонија, туку за сите тие граѓани требало навреме Министерството за внатрешни работи, да ги донесе подзаконските акти со тоа и да ги уреди обрасците за личните исправи, и со тоа граѓаните по стапување на сила на уставните измени требало да добијат исправи валидни согласно Уставот на Република Северна Македонија.
Имаше ли објаснување од институциите зошто тој трошок не е на сметка на буџетот ?
Едноставно МВР се повика на одлука на Владата со која Министерството е задолжено да ги измени подзаконските акти за издавање на личните исправи а не предвидела средства за надоместок на граѓаните.
Кој треба да ја понесе одговорност што во периодот од уставните измени во 2019 со кои се смени името па се до средината на 2021 година наместо со новото име, беа издавани лични документи со старото име на државата ?
Лично сметам дека по усвојувањето на измените, Владата на една од првите наредни седници со МВР да изготви оперативен план за пристапување кон примена на уставните амандмани. Тоа подразбира еден временски роковник во кој прво ќе се пристапи кон измени на законите за патни исправи, за безбедност во сообраќајот, законот за лични карти, и по измените на овие закони веднаш да се задолжи МВР да пристапи кон измени на подзаконските акти и правилници и обрасци и по 6 месеци, Владата да биде спремна граѓаните да ги снабдува со нови лични документи согласно уставите амандмани. Тоа не е направено, што значи одговорноста за тој пропуст односно одлагање на уставите амандмани при издавање на личните исправи е исклучиво на Владата.
Во изминатиов период дел од граѓаните се жалат дека и покрај тоа што се сликале пред неколку месеци, се уште не можат да ја добијат готови пасоши, дали и за ова пристигнаа претставки до вас ?
По новата година имаме претставки во насока на тоа, да и покрај реализација постапката и процедурата за сликање, не можат на време, во предвидениот рок од 8 дена да ги добијат патните исправи.
Добивте ли официјални одговори од МВР зошто за 8 дена не ги издаваат патните исправи како што е законскииот рок ?
Овие претставки почнаа да пристигнуваат по нова година и ние ќе се обратиме до МВР зошто се доцни со издавање на веќе изготвените, претпоставувам дека се изготвени тие патни исправи и ќе реагираме. Во одредени неофицијални разговори добив информација дека има недостаток на обрасци. Со сигурност тврдам дека има недостаток на обрасци за двојазични патни исправи, но мислам дека има недостаток и на обрасци за други документи.
Во тек е изборна година, дали повторно би се кандидирале за претседател?
Не, дефинитивно, не. Јас се откажав и од можноста да бидам премиер во последните три месеци, така што во однос на мојот политички ангажман ставив точка.
А Ви понудија да бидете технички премиер?
Секако.
Кога Ви понудија?
И тогаш, и во разговорите при подготвување на преговорите за техничката влада.
Целото интервју со Народниот правобранител Насер Зибери може да го погледнете во видеото.