Македонија е со најнизок минималец од земјите кандидати за членки во Унијата со плата од 327 евра, според Евростат, трудот на работникот во земјава најмалку се плаќа.
Пред нас е Албанија, каде минималната загарантира плата изнесува 350 евра и Србија со 402 евра. Меѓу дното на листата по месечни примања сме и од бившите Ју земји. Полоши од нас се Босанците, каде минималецот е под 320 евра, објави Сител.
Речиси двојно повисока минимална плата се исплаќа во Хрватска (677 евра), тројно во Словенија (1.203 евра). Зголемување на минималецот ќе има од март. Согласно новата методологија, од 20,175 денари, минималната плата ќе се зголеми на 22,500 денари. Сепак, во време на висока инфлација, парите ја губат вредноста. Колку и да се зголеми платата не стига за нормална живејачка. Според Синдикатот, семејство со 2 минимални плати живее во сиромаштија.
За скромен живот, според пресметките на ССМ, во јануари на едно семејство му биле потребни над 57 илјади денари. Следната недела Синдикатот ќе ги објави најновите пресметки. Според првиот синдикалец, трошоците за живот ќе бидат повисоки од јануарските. Инаку, според Евростат, највисока минимална плата се исплаќа во Луксембург. Најслабо платените работници месечно земаат над 2,500 евра плата.