ИРЛ: Службеничка од Пошта добила бизнис од Електрани вреден 7 милиони евра

0
115

Маја Јорданова од Велес пред три години е вработена во АД Пошта. Паралелно со државната служба, 34 годишната велешанка води и бизнис. Сопственичка и управителка е на компанијата „Браинкоде“. Токму оваа фирма е избрана од државната АД ЕСМ да го револуционира процесот на производство на струја во термоелектраните РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј. Ќе увезува адитив од Италија кој за прв пат ќе се користи во двата енергетски капацитети како замена за мазутот. Фирмата „Браинкоде“ нема ниту еден вработен, претходно тргувала со канцелариски материјали, а откако почнува да работи со хемиски производи лани склучила три договори со ЕСМ вредни речиси седум милиони евра како единствен понудавач.

Седиштето на „Браинкоде“ се наоѓа во семејна куќа во скопската населба Ѓорче Петров. На истата адреса се регистрирани повеќе фирми, чии сопственици или управители се луѓе од Велес. „Браинкоде“ е основана во септември 2017, како компанија која ќе се занимава со трговија со канцелариски материјали, опрема и хартија. Сопственик и управител е велешанката Маја Јорданова.

Кога раководството на АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) на почетокот на 2023 година ги планирало јавните набавки, предвиделе да купат адитив за РЕК Битола кој би помогнал да се намали создавање на наслаги во котлите каде се согорува нискокалоричен јаглен и мазут. РЕК Битола никогаш не користел адитив како замена за мазут и ваква набавка е планирана за прв пат. Истиот месец кога Електрани го прави планот што ќе набавува за тековната година, фирмата „Браинкоде“ ја менува дејноста и од трговија со канцелариски материјали се пререгистрира во компанија за трговија на големо со хемиски производи .

На 3 – ти август, осум месеци откако ја предвиделе набавката, тројца директори од РЕК Битола изготвуваат документ на две страници наречен „Техно Економска анализа“ и проценуваат дека набавката ќе чини околу 3,5 милиони евра.

„Поради формирање на наслаги (згура/троска) доаѓа до оштетување на цевките, односно нивно прскање, а со тоа запирање на блокот. Притоа немаме производство на електрична енергија во текот на санацијата на цевките, а истовремено се трошат и средства за нивна санација. Обично еден ваков застој во просек е околу 72 часа, во кој не се произведува електрична енергија“, пишува во документот кој АД ЕСМ го достави до ИРЛ.

Текстот во целост: irl.mk