Унаказено тело на маж без прсти, за кое австриската полиција се сомнева дека е српски државјанин, е пронајдено вчера во стан во Виена каде се одгледувала марихуана.
Трупот во напредна фаза на распаѓање го пронашле припадници на Одделот за борба против наркотици во Отакринг, Виена, при операција за откривање и пронаоѓање на лабораторија за производство на канабис.
Според австриските медиуми, ова требало да биде обична операција на истражителите на дрога од Државната криминалистичка полиција на Виена, но кога телото било откриено, во истрагата било вклучено и одделението за убиства.
Телото на мажот било пронајдено во кадата, а во бањата имало и стол на кој најверојатно мажот бил мачен, бидејќи иако трупот веќе се распаѓал, биле видливи бројните повреди.
Убијците сакале да го сокријат и идентитетот на жртвата, поради што неговото лице било толку изобличено и исечено, а видливо е дека му биле отстранети некои делови од кожата каде најверојатно имало тетоважи кои би помогнале во идентификацијата. Исто така, му биле исечени и прсти, па не е можно да се утврди идентитетот со помош на отпечатоците.
Начинот на извршување, но и тешкотијата на идентификација укажуваат на балканската мафија. Во моментов не може да се утврди идентитетот на починатиот, но ДНК ќе помогне. Се претпоставува дека убиениот бил српски државјанин, бидејќи според информациите добиени од станарите од зградата, постојат сериозни индиции за тоа, велат извори од истрагата за австриските медиуми.
republika.mk