Долгото чекање за да се дојде до закажаниот термин за специјалистички прегледи во јавното здравство, честопати поради итноста на болеста, ги принудува пациентите да побараат помош преку пријатели за побрзо да го направат потребното снимање, а дел од нив „спасот“ го бараат во приватното здравство каде услугите се поскапи.
На секој вработен, од платата секој месец му се одземаат по 7,5 проценти за здравствено осигурување, но сепак во одредени ситуации секој е принуден да побара здравствена заштита во приватното здравство поради неможност да најде термин во јавното здравство.
Има пациенти, кои и за основни специјалистички прегледи одат во приватните клиники затоа што за првиот слободен термин во јавното здравство треба да чекаат од една до неколку недели, а со месеци се чека за компјутерска томографија или за ПЕТ скен (Позитрон емисиона томографија).
Пациентка која имала проблем со покачен крвен притисок требала да биде упатена на специјалистички преглед, но првиот слободен термин бил дури по три недели. Загрижена за својата здравствена состојба, а поради неможноста да оствари здравствена услуга во јавното здравство, одлучила да закаже преглед кај лекар од приватното здравство.
Имав покачен крвен притисок и покрај терапијата што пред една година ми ја препиша специјалист интернист. Притисокот не се симнуваше три-четири дена. Се јавив кај матичната да ми даде упат кај истиот лекар кој нели ме води, но ми кажа дека термин може да ми закаже за три недели. На прашањето „што да правам три недели“, ми рече дека ќе ми напише упат, па ако сака специјалистот да ме прими, но без гаранција дека тоа ќе се случи. Поради загриженост за состојбата и постојаниот висок притисок, иако веќе примав терапија, одлучив да заминам на приватен преглед следниот ден, вели за МИА пациентка од Скопје.
И пациенти со хронични болести кои треба да прават редовни контроли, долго чекаат за термин за контрола затоа што понекогаш специјалистот не им закажува термин за следната контрола, туку ги враќа тоа да го сторат преку матичните лекари. Пациент од Скопје кој има заболување на срце сведочи дека понекогаш чека со месеци за следниот преглед, а доколку не може да најде термин, бара приоритетен упат за да ја направи редовната контрола.
Во слична ситуација се и онколошките пациенти кои укажуваат дека поради немањето термин се губи драгоцено време, па понекогаш се принудени потребните испитувања да ги направат во приватните здравствени установи каде услугите се поскапи.
Ќе тргнам од себеси. Како онколошки пациент пет години, еко и мамографија правам исклучиво приватно. Прво затоа што и верувам на докторката, а второ кај оние докторки кај кои ми беше препорачано, немаше термин. Тоа е постојан проблем. Каде се јавува уште поголем проблем. Мамографијата и ехо на дојка е нешто што е поевтино и сите ние можеме да си дозволиме на шест месеци или еднаш годишно да одиме приватно, но скен на коски, ПЕТ скен, компјутерски преглед, во приватните клиники цените се навистина високи. Познавам пациентки кои земаат кредит или позајмуваат пари доколку докторот сугерирал или се сомневал во нешто и рекол ова мора да се направи побрзо. И секој на кого животот му е доведен во прашање ќе најде начин да се снајде за да направи преглед на приватно ако тоа значи навремено добивање на дијагноза и терапија, вели за МИА Ана Марјановиќ.