Утрово ја посетив Полициската станица за граничен надзор Чашка, која е надлежна за надзор на дел од нашата северна граница кон Косово, каде одржав работен состанок со командирот и другиот раководен кадар на оваа станица, напиша на својот ФБ профил министерот Панче Тошковски.
Во објавата министерот додава:
Од страна на раководството на ПС за ГН Чашка бев запознаен со нивната работа и структура, а ми беа посочени и голем број на проблеми со кои секојдневно се соочуваат, поради кои се спречени соодветно да го извршуваат обезбедувањето на граничната линија во должина од 22км за која се надлежни. Во тој контекст, особено загрижува фактот што специјалната камера која е од големо значење за превенција и спречување на илегални преминувања, шверц и други криминални дејствија преку граничната линија е нефункционална повеќе години.
Она што го констатирав за време на посетата особено ме загрижува бидејќи оваа полициска станица се соочува со сериозен недостаток на човечки ресурси и материјално-технички средства неопходни за квалитетен надзор на граничната линија која ја покрива, со што практично се доведува во прашање функционалноста на полициската станица, а со тоа и безбедноста на државната граница.
Извор: ФБ Панче Тошковски