Уште 100 дена до почетокот на ЕУРО 2024 во Германија

Кои репрезентации ќе учествуваат на турнирот?
Од денеска (6 март, 2024) почнуваат да истекуват последните 100 дена до стартот на ЕУРО 2024, еден од најзначајните спортски настани годинава. Во овој момент познати се 21 од 24-те селекции кои ќе учествуваат на турнирот во Германија. Домашниот тим автоматски се квалификуваше. Право на настап во натпреварувањето во квалификациските групи изборија 20 селекции, а наскоро, по плеј-офот, ќе ги дознаеме и останатите земји учеснички.

За една од трите „визи“ за Германија се борат 12 репрезентации – Полска, Естонија, Велс, Финска, Босна и Херцеговина, Израел, Исланд, Украина, Грузија, Луксембург, Грција и Казахстан. На крајот на март се играат три мини-турнири, по кои ќе бидат познати последните три репрезентации кои ќе се пласираат на ЕУРО 2024 година.

Како изгледа форматот на натпреварување на ЕП?
Форматот на ЕП 2024 е идентичен со форматот во кој се играше континенталното првенство во 2020 година. Имено, репрезентациите ќе бидат поделени во шест групи (по четири репрезентации). По две првопласирани репрезентации од секоја група и четирите најдобри третопласирани селекции во групите се квалификуваат во осминафиналето.

Натпреварите ќе се играат на десет германски стадиони. Натпреварите започнуваат во 15:00, 18:00 и 21:00 часот по средноевропско време. Турнирот го отвораат Германија и Шкотска со натпреварот на 14 јуни во Минхен. Финалето се игра точно еден месец подоцна на Олимпискиот стадион во Берлин.

Какви шанси имаат Германците на домашен терен?
На актуелнaта ранг-листа на ФИФА, германската фудбалска репрезентација се наоѓа дури на 16-то место. Ваквиот низок пласман е резултат на неколкуте неуспешни последни години, односно лошите резултати на тимот за време на мандатите на селекторите Јоахим Лев и Ханзи Флик. Меѓу 2006 и 2016 година, Германија беше меѓу четирите најдобри селекции на секое Европско или Светско првенство. Тука спаѓа и големиот триумф од 2014 година, кога Германците ја освоија титулата светски првак. Потоа следеше голем пад. На ЕП 2020 Германија беше поразена во осминафиналето од Англија, а на Мундијалите во 2018 и во 2022 година следеше бламажа: Германците беа елиминирани на тие два турнири уште во групната фаза.

Откако во септември минатата година на клупата на германската репрезентација седна новиот селектор Јулијан Нагелсман, дојде до краткотрајна фаза на еуфорија. Но, ни тој поранешен тренер на Бајерн Минхен засега не се прослави, има негативен резултат во првите четири настапи: една победа против САД, реми против Мексико, два порази од Турција и од Австрија.

Германскиот тим има исклучително квалитетни играчи, нема сомнеж во тоа, но некои играчи кои важеа за главни столбови на тимот – како Џошуа Кимих или Леон Горецка – не се во форма. Навивачите се надеваат дека враќањето на Тони Крос во националниот тим ќе помогне да се стабилизира тимот.

Но, тренерот Нагелсман вели дека главниот проблем е менталитетот на тимот. „Веќе не можам да ги слушам сите овие приказни за тоа како сите наши играчи се големи таленти. Си замислуваме дека Германија е врвна фудбалска нација, иако со години не бележиме успеси. Мора конечно да почнеме да работиме на фудбалот“, изјави неодамна Нагелсман.

DW