За два тендера и уште 13 други предмети поврзани со изборите Комисијата за спречување на корупција отворила предмети. Некои се по допрен глас, други по пријава. Законите регулираат што (не) смее да се прави од кога ќе се распишат изборите па додека завршат, но правилата вешто се заобиколуваат
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) отвара предмети за набавката на осум хеликоптери за Армијата вредна 230 милиони евра и за набавката 22 амбулантни возила преку тендер на Министерството за здравство, потврди Татјана Димитровска, претседателка на комисијата, за Радио Слободна Европа.
„Отвораме предмети на сопствена иницијатива, по допрен глас од медиумите, за актуелни случаи пред избори. Двата предмети за набавките на хеликоптерите и на амбулантни возила, со 13 други предмети, значи имаме 15 предмети поврзани со изборниот процес“, изјави Димитровска.
Овие предмети се поврзани со забрани за тоа што смеат, а што не смеат да прават функционерите и институциите по 14 февруари, денот кога претседателот на Собранието, Јован Митрески, ги распиша претседателските и парламентарните избори закажани за 24 април и за 8 мај.
Забраните се определени во Изборниот законик и во Законот за спречување на корупцијата и ги регулираат условите за нови инвестиции, вонредни исплати, вработувања….
slobodnaevropa.mk