Плусинфо: Груевски во полемика со Георгиевски за расколот во 2003 година

По настапот на Љубчо Георгиевски и на Марјан Ѓорчев во едно телевизиско шоу, Никола Груевски објави долг пост за настаните во ВМРО-ДПМНЕ во 2003 година и отвори полемика со својот претходник. Во полемиката се спомнуваат интересни настани и личности, меѓу кои и Борис Трајковски, Доста Димовска, Војо Михајловски, Ламбе Арнаудов, Љубе Бошковски и други.

Коментирајќи го настапот на Љубчо Георгиевски и на Марјан Ѓорчев во едно телевизиско шоу, поранешниот премиер Никола Груевски ги коментира околностите под кои Георгиевски во 2003 година лобирал за неговата кандидатура за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Груевски е испровоциран од тоа што Георгиевски, како што вели, безброј пати досега повторува, во разни негови настапи, вклучително и во овој настап, дека тој лобирал на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ за тој (Груевски) да стане претседател на партијата, во овој настап Георгиевски дури и јавно му се извинил на Марјан Ѓорчев поради тоа. Во 2003 година Ѓорчев му беше противкандидат на Груевски за челното место во партијата.

Еве што пишува Никола Груевски:

„Прво да потврдам дека тој (Георгиевски) навистина и со сигурност лобирал. Тој дел е неспорен.

Второ неспорно е дека во тоа време, партиската база го познаваше подобро Марјан Ѓорчев, а мене повеќе ме познаваше од медиумите отколку од теренот. Тоа беше со причина. Не само што Ѓорчев беше повозрасен и неколку години пред мене во структурите на партијата.

На седниците на Извршниот комитет, кога бевме на власт, кога Георгиевски како претседател ги задолжуваше сите со обврска да бидат надлежни координатори на цели региони со општински комитети, мене секогаш ме изостануваше, па така мојот контакт со базата беше многу помал.

Еднаш еден присутен на седницата на ИК потсети дека само јас не сум добил задолжение за координатор на неколку ОК, на што Георгиевски одговори дека тоа е намерно така, бидејќи јас правам многу крупни и значајни реформи во земјата како министер за финансии и дека не сака да ме дефокусира од тоа.

Колку и да беше искрено кажано од негова страна, тоа ми создаде дополнителна нетрпеливост и отпор од страна на дел од другите колеги министри, бидејќи индиректно некои тоа го толкуваа дека тие не прават или малку прават реформи, па имаат повеќе слободно време“.

Георгиевски долго го убедувал Груевски да прифати да биде лидер на ВМРО-ДПМНЕ
За настаните во 2003 година, Груевски пишува:

„Прво, јас никогаш не барав од Љубчо Георгиевски да лобира за мене. Ниту еднаш!

Второ, јас не барав и не помислував да бидам кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ тогаш. Тој ми предложи! Јас го одбив!

Му предложив да си ја задржи функцијата и да продолжи да ја води партијата. Ако е уморен, да се одмори некој месец и да се врати на обврските во партијата. Му кажав дека се гледа дека СДСМ се слаби и без идеја и ништо нема да направат.

Потоа, кога сфатив дека нема да се премисли, кажав дека не сум против кој и да е друг да биде новиот претседател, вклучително и Марјан Ѓорчев, иако со него за повеќе работи имавме различни видувања.

Трето, следуваа секоја недела средби меѓу мене и Георгиевски на негов повик, кои беа еден вид сеанси на убедување од негова страна кон мене во правец на мое предомислување и прифаќање да бидам кандидат и негов наследник во партијата, со голем број аргументи поврзани со моите предности и со слабостите на другите потенцијални кандидати, во прв ред Марјан Ѓорчев, кои Ѓеорѓиевски скратено опишува дека чувствувал дека со мене на чело партијата може да победи на следните избори. Ниту сакам да си ласкам кажувајќи (како) тој ме фалеше убедувајќи ме да прифатам, ниту сакам да го ставам него и други во непријатна позиција кажувајќи што кажал за слабостите на други потенцијални кандидати во нашите разговори“.

Во тој период Груевски е ангажиран на проект на УСАИД во Белград, за зајакнување на капацитетите на Министерството за финансии на Србија. Но, половина од времето секоја недела тој е во Македонија, за да ѝ помага на партијата која по поразот во 2002 година беше во тешка агонија. Сеансите на убедување со Георгиевски се одвиваат еднаш неделно, по 3-4 часа.

„Освен самиот тој – пишува Груевски – не знам дали организирано од него или спонтано, но сигурно со информација од него дека не сум прифатил, сеанси на убедување имав од поголем број партиски познати функционери и заеднички пријатели.

Дел од нив ми доаѓаа дома и по цели часови ме убедуваа. А со дел се гледав на други локации по нивно барање. Темата беше една: мораш да прифатиш! Заради партијата, заради иднината на Македонија итн итн.

Постоеја повеќе причини зошто не прифаќав. Меѓу другото сакав да се вратам на мојата професија – економијата.

Сепак, паметам дека пред дел од луѓето со кои се состанував кажав дека една од поважните причини заради одбивањето е што имам чувство дека ќе го победиме СДСМ, но дека по преземањето на власта од нас ќе се очекува промена на името по грчки терк и дека јас не сум подготвен да се согласам за крупни национални отстапки какви што тие очекуваат, што ќе доведе до големи проблеми и ги опишував проблемите.

Паметам како на еден мој близок кој речиси секој ден доаѓаше дома кај мене да ме убедува да се кандидирам во една прилика му кажав: „Грците тешко дека ќе попуштат, посилни се. На крај ќе дојдеме во судир со меѓународната заедница, ќе немаат како и ќе тргнат против нас да нè рушат, нема да им попуштам и ќе создадат ситуација да нè испозатворат ако им треба тоа за да се смени името“. Тој ми се смееше на тоа кажувајќи дека тоа е нереално предвидување и непотребно сум загрижен. Дури со леснотија ми рече: „Ако треба остави ми ги мене странците по тоа прашање и ќе се повлечат“. Години потоа не мислеше баш така. Но, за тоа можеби во некоја друга прилика“.

Зошто Борис Трајковски инсистирал Груевски да стане амбасадор во Лондон?
„Четврто – пишува Груевски – малку пред ова убедување да започне од страна на Георгиевски, на почетокот на 2003 година, претседателот Борис Трајковски најпрвин ми понуди амбасадорско место во 4-5 држави, да одберам едно по моја желба, од квотата што нему му припаѓаше во поделбата со владините партии.

Го известив Георгиевски и по негова сугестија, но и по мое убедување, се заблагодарив на понудата.

Потоа имав нов повик од претседателот Трајковски кој беше близок со Доста Димовска и со Марјан Ѓорчев. Следеше понуда за амбасадор во Лондон.

Претседателот беше мошне отворен и ми кажа дека се присетил како во едно патување во авион на враќање (мислам дека беше од настан на ООН во Мексико), седејќи еден до друг во слободен разговор сум му раскажувал убави спомени од мојот неколкумесечен престој во Лондон заради работен тренинг во инвестициска куќа во Сити и дека сум му кажал дека тоа е град што нуди многу можности за сè, па побарал од Црвенковски да ги заменат градовите и тој да предложи кандидат за Лондон, нагласувајќи дека сака мене да ме предложи, при што Црвенковски кажал дека тоа е мошне интересен предлог, и се согласил.

За Лондон размислував неколку дена. Претседателот Трајковски овој пат почувствува мало колебање кај мене и се беше јавил на мојата мајка, со која се познаваа при едно негово доаѓање кај мене. За тој телефонски разговор дознав многу подоцна, бидејќи се договориле да не ми кажат. Целта била да ѝ каже дека ми понудил и што ми понудил, веројатно знаејќи дека таа долго посакуваше да се повлечам од активна политика, бидејќи се плашеше од можни реперкусии во политиката особено по трагичното и многу сомнително загинување во декември 1991 година на нејзиниот брат Јордан Мијалков, како прв министер за внатрешни работи на Република Македонија.

Претседателот ме покани повторно на разговор. Тогаш прв пат почувствував дека можеби сето тоа не е случајно и дека нешто има во позадина.

Му пренесов на Георгиевски за понудата. Тој ми сугерираше да одбијам и без да побарам или да дадам било каков сигнал дека такво нешто посакувам тој ме номинираше за потпретседател на партијата.

Два месеца подоцна вечерта, пред дневниот весник „Дневник“ да го објави неговото повлекување и да најави дека јас ќе сум негов наследник, информација која беше очигледно негов брифинг, Георгиевски ме повика и ме извести дека одлучил да се повлече и дека ми нуди јас да се кандидирам за претседател на партијата, а дека тоа тој ќе го подржи“.

„Петто, како и да е, по шест недели убедувања, долги разговори и анализи, аргументи и контрааргументи, континуирана настојчивост од страна на Љубчо Георгиевски, во голема мерка заради блискоста и довербата со Георгиевски во тоа време, јас прифатив да се кандидирам за претседател на партијата“.

Груевски: На Георгиевски му поставив само еден услов – да не ми се меша и да не прави опструкции
Во својот долг пост на Фејсбук Груевски нагласува дека Георгиевски го чувствувал многу близок и имал неограничена доверба во него. Тој пишува:

„Чувствував дека ако не прифатам дека тоа ќе биде еден вид предавство и кон него и кон партијата. Во смисла кога многумина страдаа заради политичкиот прогон, партијата беше многу падната, кога е тешко време, кога и на самиот Георгиевски му е тешко време, а јас знам дека му беше многу тешко време, јас да не го преземам товарот и да ја извлечам партијата од таа тешка ситуација во која ми стана неприфатливо. Оттука, прифаќањето во голема мерка беше и поради тој наш меѓусебен однос, доверба и почит.

Шесто, на Георгиевски му поставив само еден услов. Му кажав дека ако веќе се нафаќам за таа многу тешка и одговорна работа за која тој цврсто веруваше дека ќе успеам, јас ќе направам многу големи промени во партијата, пред сè кадровски, организациски и делумно во политиките. Затоа побарав од него да ми даде лично ветување дека нема да имам мешање и опструкции од негова страна во тој дел, дури и кога нема да се согласува со некои од тие мои чекори.

Укажав дека тој има голем авторитет и влијание во партијата и дека сите незадоволни од мене ќе доаѓаат кај него и ќе бараат поддршка, па ако тој почне да се меша, ќе дојде до проблеми. Ако ја преземам одговорноста да ја преземам партијата во така тешко време и да преземам голем товар со тоа, треба да имам целосна слобода, заедно со органите на партијата да носам самостојни одлуки. Тоа беше моето единствено барање.

Тој ми одговори дека на сите кои ќе му се обратат, дури почна да ги набројува и по име некои за кој самиот претпоставуваше дека нема да влезат во новиот тим заради нарушената репутација, ќе им каже дека ако тој направил чекор назад за иден успех на партијата, тие ќе треба да направат по два чекора назад.

И не само тоа. Додаде и дека ако некогаш имам потреба да се вклучи и да смири некои тензии во партијата од незадоволници кои ќе ми прават проблеми, да сметам на него во секој момент и слободно да му се обратам.

Седмо, под тие услови го прифатив неговото барање, молба и настојување да станам негов наследник во партијата со цел истата да се врати на власт и да се придвижи Македонија напред.

Во една таква атмосфера немаше дискусија за тоа дали тој ќе лобира за мене. Се направи некаков мој изборен штаб, собираа потписи за кандидатура и на предлог на познато на јавноста лице од тој штаб, Георгиевски прв се потпиша на мојата кандидатура и тоа се објави, што беше јасен сигнал до делегатите.

Во кампањата ги посетив поголемите општински комитети повеќето од нив раскарани, десеткувани и незадоволни од многу работи од нашето претходно владеење.

Исходот на конгресот кој се одржа на 24 и 25 мај 2003 година е познат. Ниту некого сум притискал да гласа или да лобира за мене, ниту знам во детали кој кај кого и кога лобирал. Всушност, како што и самиот Георгиевски кажа во емисијата, лобирањето е нормална и легитимна работа во политиката“.

Георгиевски добил понуда што не се одбива – да се врати на кормилото на партијата
Но, 7-8 месеци подоцна, новиот лидер ќе почувствува поголемо мешање на Георгиевски во партијата. За тој период, Груевски пишува:

„Беше поврзано со темата кандидат за претседател. Сè уште бевме во многу добри односи со Георгиевски. Почувствував нефер однос од Георгиевски и во два наврати сосема пријателски и отворено, во четири очи, му го кажав тоа и му понудив доколку сака јас да се повлечам од функцијата претседател поради приватни причини и без да ѝ објаснувам на јавноста детали, а тој да се врати и да продолжи онака како што тој сака и смета дека е најдобро.

Му укажав дека нема да има лутење од моја страна, нема да има опструкции, нема да излезе во јавност зошто сум се повлекол и дека доколку сака и понатаму ќе му помагам од било каква улога што ќе ми ја додели.

Тој не го прифати тоа.

Но, продолжи со мешањето и со опструкциите и сето тоа кулминираше на претседателските избори, кога надвор од одлуката на раководството, по своја лична процена, го повика членството на бојкот во вториот круг, со што загубивме секаква можност за успех на тие избори, па заедно со бескрупулозното полнење гласачки кутии за Црвенковски главно во местата со доминантно албанско население, поради што никогаш не ги признавме резултатите, разликата во вториот круг стана голема во корист на СДСМ.

Тогаш дојде до раскол во партијата, кој сам по себе е посебна тема со многу детали. На една средба меѓу нас двајцата, Георгиевски директно и недвосмислено побара од мене да се повлечам од водството на партијата, бидејќи тој сакал да се врати. Мојот одговор беше: ’Ме молеше да се нафатам на ова, и најмногу заради тебе се нафатив. Потоа, кога почувствував дека сакаш да се вратиш во политиката, двапати на фер начин ти понудив тивко да се повлечам, а ти да се вратиш и не прифати. Сега ме доведе во ситуација на пораз и сакаш враќање. Јас да заминам со пораз и неуспех за кој ти придонесе, а ти да се вратиш како спасител. Тоа не е коректно што ми го направи‘.

Бев многу револтиран и му кажав дека нема да поднесам оставка. ’Ова е партија каде ти имаш големо влијание. Повели смени ме‘.

Искрено, мислев дека така и ќе заврши … Но бев гневен, разочаран од него, се чувствував изневерен, предаден, искористен и решив да заминам со борба. Како што во тој период употребив една метафора: ’Се чувствував како со нож забиен во грб‘.“

Што му рекле на Груевски Војо Михајловски и Ламбе Арнаудов?
Четири или пет месеци подоцна, во есента 2003 година, Георгиевски со своите приврзаници формираше нова партија и се пресели во нови простори. За овој период, Груевски пишува:

„Но, набрзо се појави потреба од средба со неговите луѓе, заради некои стари нерасчистени обврски кон државните органи од кои и тие и ние можевме да имаме проблеми. Во штабот пристигнаа поранешниот секретар Војо Михајловски и Ламбе Арнаудов. Јас бев со тројца соработници од ИК.

Зборувавме на службени теми, но тензијата и напнатоста висеше во воздухот во мојата канцеларија во стариот штаб. Во еден момент Војо Михајловски не издржа и најде некој контекст за луто да ми каже: ’Ајде не се прави будала, мислиш не знаеме дека ти беше договорен со претседателот да го замениш една година, малку да се одмори и да се смират странците кои беа против него, па потоа да се врати!‘

Останав шокиран! Не можев да поверувам што слушам! А Војо звучеше луто, но искрено, звучеше дека навистина верува во тоа. Му објаснив дека тоа е невистина и некако го привршивме состанокот и си заминаа.

Години подоцна, кога веќе бев премиер, го поканив Војо Михајловски во мојата канцеларија во владата. Тој веќе беше одделен од Георгиевски и разочаран од него. Ќе се воздржам од подробности околу причините за тоа. Меѓу останатото го потсетив на тој момент и го прашав дали се сеќава и дали навистина така му било кажано. Тој го потврди тоа. Неодамна Георгиевски го демантираше тоа како гостин во една емисија, дури и без да биде прашан.

Ова е еден мој прилог кон честите вистинити кажувања на Љубчо Георгиевски дека тој лобирал за да станам претседател на ВМРО-ДПМНЕ без објаснување на околностите како дошло до тоа“.

Љубчо Георгиевски возвраќа: Да не го поддржав Груевски, ќе победеше Марјан Ѓорчев
На долгиот пост на Груевски на Фејсбук, со свој пост на оваа социјална мрежа се огласи и Љубчо Георгиевски. Еве што напиша тој:

„Господинот Никола Груевски, испровоциран од мојата дебата со Марјан Ѓорчев, се јави со подолг текст на неговата ФБ страна со негово објаснување на настаните пред неговиот избор во Охрид.

Прво, неговата хроника е прилично точна со мали корекции: ’Тој сакал ама јас не сум му давал да се занимава со партијата‘.

Политиката на Груевски да нема потреба да работи со партиските комитети и членови беше широко позната и коментирана. Сите од тоа време ја имаат искусено.

Второ, да, јас го повикав да биде претседател. Претерува со описот на молење, ама точно е дека се мислеше помеѓу советник на српската Влада и претседател на ВМРО. Затоа, пак, по 11 години власт од сите политичари најтешко си замина, значи не сум му понудил лоша работа.

Трето, описот што го дава не ја менува мојата теза дека Ѓорчев ќе победеше. Кога тој објави дека ќе се кандидира членството се сврте кон него токму поради претходно игнорантскиот однос на Груевски.

Четврто, во мојата поддршка кон него без никакви услови, господинот Груевски ниту сега ниту никогаш не ја виде мојата жртва за партијата, да се повлечам за да победи некој друг. Нека си направи споредба со неговото повлекување.

Петто, од самиот негов опис се гледа дека партијата му е дадена на тацна од мене, а очигледно дека тој исто така сега на тацна му ја даде и на Мицковски.

Шесто, да, нашиот судир настана кога тој реши да му прави цензус за претседател на Б. Црвенковски.

Седмо, делот на личната суета е само изговор. Во нашиот разговор веќе многу одамна спомна како мотив на неговиот однос спрема мене била изјавата тогаш на Л. Арнаудов, а сега на В. Михајловски дека: ’Мислиш не знеме дека било договорено да се повлечеш‘. Ниту на Ламбе ниту на Војо ниту на еден од оние кои ја формираа ВМРО-НП никогаш не им дадов повод да мислат така. Инаку, главните основачи на ВМРО-НП беа луѓе кои во тоа време беа дистанцирани од новиот претседател наоѓајќи им разни мани, а после ги врати со најголеми привилегии.

Осмо, Груевски заборава дека тогаш и во јавноста и пред него зборував дека на партијата ѝ треба нов профил ослободен од национализам, економски профил, технократ. Во тоа време немаше ни трага од оној Груевски кој спроведува антиквизација, кој го прославува ослободувањето на стара Србија на Зебрњак, кој ќе ја постави најавторитарната власт во модерна Македонија …“

Груевски остро: Јас правев реформи, а не партиски групации и тајфи!
По оваа реакција, со нов пост на Фејсбук, Груевски ја продолжи полемиката:

„Прво, неточно е дека сум имал некаква политика да не сакам да се занимавам со комитетите на партијата. Не постои ситуација кога било побарано такво нешто од мене, а јас сум го одбил.

Второ, тој вели дека сум претерувал со описот на молење. Напротив, сериозно го ублажив тоа, за да не го доведам во непријатна ситуација. Сепак сме биле заедно, сме работеле заедно, сме биле блиски, а јас секогаш внимавам на тоа, бирам зборови и постапки, дури и кога тој близок многу ќе ме изневери.

Понатаму, Георгиевски вели дека тогаш сум се мислел помеѓу советник на српската влада и партијата. Советничкото место беше краткорочен проект и нема логика да се мислам за тоа. Тоа беше проект на УСАИД во Србија со договор, кој имаше почеток и крај. Впрочем, и откако го презедов водството на партијата, во следните 5-6 месеци ги довршив моите обврски кон преземениот договор со повремени патувања во Министерството за финансии на Србија.

Преземањето на партијата беше комплетно менување на животните планови, преземање огромен товар, огромни ризици и многу голема одговорност, за кои секој зрел човек добро размислува и не носи лесни и брзи одлуки.

Ако ми било толку важно да владеам, како што алудира Георгиевски дека најтешко сум заминал од власт, ќе сум ја прифател одлуката веднаш, без одлагање. Јас во таа 2003 година веќе многу добро знаев што е власт, бидејќи 4 години бев во владата како министер, најпрвин една година за трговија а потоа уште три години за финансии, бев и претседател на Комисијата за хартии од вредност, а бев и актуелен пратеник и потпретседател на партијата.

Задржувањето на власт 11 години е резултат на многу работа и огромни обврски, но и на резултати од таа работа, проекти кои работев да ги дотуркам до крај, реформи, намалување на невработеноста преку нови инвестиции и други активности, чии краен исход беше издигнување на Македонија, многу повеќе задоволни граѓани отколку пред и после тоа, победа на избори и добивање нов мандат во неколку изборни циклуси.

Јас сум човек кој многу внимателно се нафаќа на одредени одговорности, но ако веќе ги преземам, тогаш тоа го правам со неверојатна одговорност, висока совест, темелно, продлабочено и без импровизации.

Трето, вели дека ако не било неговото лобирање Ѓорчев сигурно ќе ме победел.

Не постои шанса Ѓорчев да ме победеше на тие партиски избори, бидејќи мене не ми паѓаше на памет да се кандидирам на тие избори за кои од Георгиевски дознав дека ќе ги има и барањето јас да се кандидирам и да го преземам водството на партијата.

 

plusinfo.mk