Димитриеска Кочоска: Платформа 1198 подразбира чесно и одговорно работење, борба со сивата економија, ниски и рамни даноци, покачување на пензиите и многу други проекти

Ние нудиме еден концепт кој ќе подразбере чесно, професионално однесување пред се и работа исклучиво во интерес на граѓаните, вели Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното интервју во емисијата Вин Вин на ТВ Телма.

Димитриеска Кочоска за ветувањето од 5000 денари покачување на пензијата на пензионерите, истакна дека ова не е политичка одлука за да се обезбедат повеќе гласови на парламентарните избори, туку дека е корегирање на досегашното процентуално покачување на пензиите, каде што не сите пензионери земале исто покачување.

Тоа не е политичка одлука или бркање на гласови. Напротив, се што е вклучена во нашата програма е вклучено врз основа на тоа како до сега живееле одредени групи на граѓани во државата, што се случувало изминатите 7 години од тој аспект и врз основа на тоа дали тие пензионери можат да преживеат во овој период, особено оние пензионери кои имаат ниски примања, затоа што до сега во последните години се одеше на концептот на зголемување на пензиите процентуално, тоа значи дека тој што има повисока пензија си добива и поголемо покачување, оние кои имаат пониска пензија добиваат помало покачување. Меѓутоа ако тргнеме од фактот генерално дека потребите кај пензионерите се исти, ние гледавме да бидеме коректни пред сите, бидејќи пензионерите за нас и нашиот систем тежат исто., рече таа и додаде дека 5000 денари ќе добијат покачување во првата година од мандатот на новата влада на ВМРО-ДПМНЕ.

Димитриеска Кочоска истакна дека програмата Платформа 1198 предвидува борба со сивата економија, како и ниски и рамни даноци укажувајќи дека не може едни да плаќаат а други да не плаќаат.

Јасно ни е дека буџетот е ограничен. Но, каде го гледаме просторот. Го гледаме просторот само во зафаќање на борба со сивата економија, ниски и рамни даноци е наша политика која што и понатаму продолжува бидејќи мислиме дека тоа е единствен фер третман кон сите. Не може едни да плаќаат, а други да не плаќаат. А со борба со сивата економија, ќе имаме поголеми приходи во буџетот, рече Димитриеска Кочоска.

Димитриеска Кочоска посочи дека Платформа 1198 подразбира и 250 милиони евра реалокација на буџетски средства во општините се со цел реализација на што поголем број за граѓаните и подобрување на квалитетот за животот.

Околу овие 250 милиони евра пари кои што се наменети за општините многу јасно и гласно го кажавме тоа. Притоа секоја општина која има завршен проект ќе може да ги добие тие пари и тука нема да гледаме дали станува збор за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ или некоја друга партија. Тие пари се наменети за водовод и канализациона, и кога одиме на терен фрапирани сме од фактот дека многу многу населени места во Македонија немаат водовод, нема канализација, за градинки и училишта да не зборуваме, нагласи Димитриеска Кочоска.