Цената на какаото од почетокот на годината го достигна плафонот и секојдневно бележи нови рекорди. Во вторникот (26.3.2024) беше пречекорена и границата од 10 илјади долари за тон. За споредба, пред една година цената изнесуваше под 3 илјади долари за истата количина.
Светскиот пазар за какао има неколку специфики по кои се гледа дека распределбата на силите на пазарот не е во корист на на сите учесници.
Најважната е дека за одгледувачите на какао работата не носи доволно приходи за да може да живеат од неа. Со децении се зборува за нивната сиромаштија, за тоа дека се неухранети и дека работат и деца. Нивната ситуација би се подобрила, така се тврдеше, доколку се зголеми цената на какаото.
Друга специфика е што само на две земји, Брегот на Слоновата Коска и Гана, отпаѓаат речиси две третини од светското производство на какао. И покрај ваквата водечка позиција, тие не беа во состојба да издејствуваат повисока цена на какаото.
Причина за овогодинешниот раст е значителното намалување на собраните количини. „Во моментов се проценува дека жетвата во двете земји ќе биде барем за една третина помала од вообичаено“, вели Фридел Хиц Адамс, експерт за какао при Институтот Зидвинд во Бон, кој се занимава со светска трговија и политики за развој. „Со оглед на тоа дека овие две земји сочинуваат 60 проценти од светското производство на какао, јасно е дека на пазарот има значителен дефицит”, вели Хиц Адамс.
Причина за лошата жетва е метеоролошкиот феномен Ел Нињо кој беше засилен со локални фактори, вели Хиц Адамс. Во тропските предели, поради Ел Нињо, во нередовни интервали во зависност од регионот има или премалку, или премногу врнежи на дожд, или пак поместени фази на дождови. Сето тоа е на штета на жетвата. Хиц Адамс посочува дека на Брегот на Слоновата Коска и во Гана феноменот е засилен поради сечата на локални шуми.
Многу од селаните се толку сиромашни што не може да си дозволат ѓубриво или пестициди, па се најдоа беспомошно изложени на ваквата ситуација. „Во Гана минатата година во многу региони прво воопшто не врнеше, а потоа толку долго што дрвјата долго време беа во вода и се проширија болести на плодовите“, објаснува експертот и додава дека „тоа е катастрофална комбинација“.
ЕУ е најголемиот пазар за продажба на какаото, бидејќи тука се консумира околу половината од светската продукција. Веднаш по неа се САД. Во Европа имаат седиште најголемите концерни кои од какаото прават чоколада или какао-прашок и ги продаваат на крајниот корисник. Тука се и најголемите добивки.
Од секое евро за табла чоколадо само седум центи одат за одгледувачите, а производителот и трговецот си делат околу 80 центи.
За да може таквиот бизнис, кој достигнува милијарди евра, да се планира подобро, производителите на чоколадо го купуваат какаото уште многу пред жетвата. На берзата ваквите бизниси кои се однесуваат на идни испораки се нарекуваат „фјучрс“. И актуелните рекордни цени се однесуваат на таквите бизниси.
DW