Вооружениот напад на градоначалникот на Арачиново, Ридван Ибраими ја зголеми напнатоста пред пролетните избори. Полицијата трага по напаѓачот кој рани две лица среде бел ден, кои биле во придружба на градоначалникот на влезот на селото. Повредени се возачот на градоначалникот и еден од вработените во општината, објави dw.com.
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје извршил увид на лице место, издал наредби за прибирање траги и за соодветни вештачења. Ќе биде издадена и наредба за обезбедување снимки од видео надзор од околни објекти, како и за преземање други дејствија, информираа од Обвинителството.
Додека се расветлуваат мотивите за нападот, од Заедницата на единици на локална самоуправа (ЗЕЛС) апелираа надлежните институции да ги преземат сите потребни мерки за расветлување на случајот со цел ова никогаш повеќе да не се повтори.
Закани имало и претходно
Ова не е прв обид да се заплаши градоначалникот на оваа општина во околината на Скопје. Тој во неколку наврати пријавуваше во полиција дека е мета на вербални и физички напади и закани. Ридван Ибраими во мај минатата година се пожали дека некој му се заканувал по живот, додека не бил присутен во општинската зграда. Истрагата покажа дека станува збор за соселанец, кој се заканувал затоа што не бил задоволен од постапување во предмет за користење државно земјиште. Заканите ги упатил пред повеќе лица во општината.
Пријава до МВР имаше и во септември 2022 година, кога Ридван Ибраими информираше дека бил физички нападнат во просториите на општината.