Над 800 кандидати за 120 места во парламентот

Најмалку 840 кандидати влегуваат во трка да ги пополнат 120-те места во идниот парламентарен состав што треба да се формира по изборите на 8 мај годинава. Нивните имињата произлегуваат од пет коалиции и две партии кои досега ги објавија листите, објави slobodnaevropa.mk.

Сите од нив, вклучително и партиите од албанскиот блок, ќе имаат кандидатски листи во сите шест изборни единици, дури и во „тројката“ и „четворката“ каде досега за пратенички мандати вообичаено трчаа само партиите од македонскиот блок партии.

Рокот за поднесување на листите до Државната изборна комисија (ДИК) истекува денеска (2 април), а официјалната кампања ќе започне на 18 април. Меѓутоа, на терен кампањата веќе извесен период е започната, а партиите не штедат на нови ветувања. Борбата со корупција, економијата и сиромаштијата, како и интеграцијата во Европската Унија (ЕУ) се темите кои доминираат во јавниот дискурс.

Кој со кого и против кого?

Додека истекуваше рокот, партиите ги официјализираа и коалициите, па владејачкиот СДСМ во својата ги задржа досегашните партнери како ЛДП, НСДП, ДОМ, ВМРО-Народна партија, Партијата за движење на Турците … или вкупно петнаесетина партии во „Коалицијата за европска иднина“.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, во „Твоја Македонија“ собра околу 20 партии. Покрај традиционалните партнери, како Социјалистичката, Демократската партија на Србите, Новата либерална партија, во „јатото“ прими и партии кои досега беа во коалиција со социјалдемократите, како Достоинство, Демократскиот сојуз, Обединети за Македонија…

Меѓу коалициите во македонскиот блок партии е и „Храбро за Македонија“ – која ја формираа ГРОМ, Интегра и Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР).

Кога се во прашање партиите на Албанците, и тие ќе настапат во коалиции, обединети во два блока.

Со„Европскиот фронт“ на владејачката ДУИ, Али Ахмети ќе настапи заеднички со некогашните лути противници: Мендух Тачи од ДПА и Зијадин Села со неговото крило од Алијанса за Албанците. Села, дури ќе биде и носител на листата во петтата изборна единица. Во оваа коалиција се и Народното движење на Скендер Реџепи и Европската демократска партија на Аријанит Хоџа, но и Сојузот на Ромите и две партии на Турците на кои интегративците им ги отстапија носителските места во третата и четвртата изборна единица. Така, во „тројката“ листата на коалицијата на ДУИ ќе ја предводи Сулејман Баки од Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија, а во „четворката“ Енвер Хусеин од Демократската Партија на Турците на Македонија.

Во овие изборни единици каде има мал број албански гласачи свои листи ќе предложи и ривалската коалиција„Вреди“. Во неа се Беса на Билал Касами, Алтернатива на Африм Гаши, Демократското движење на Изет Меџити и претседателскиот кандидат Арбен Таравари со неговиот табор на Алијанса за Албанците. Меѓутоа, носителите на листи во „тројката“ и „четворката“ од албанската опозиција сè уште не се објавени. Според најавите оттаму, имињата ќе ги соопштат денеска кога ќе се поднесат листите до ДИК.

Покрај петте коалиции, со кандидати на пратеници самостојно на парламентарните избори ќе настапат и Левица и новоформираната партија ЗНАМ на кумановскиот градоначалник и претседателски кандидат Максим Димитриевски.

Димитриевски ја формираше партијата по разидувањето со неговата матична СДСМ. Покрај него, дел од ЗНАМ се и други поранешни членови и функционери од редовите на социјалдемократите. Меѓу оние кои може да се забележат на кандидатските листи, се поранешната пратеничка Весна Бендевска која е носителка во петтата изборна единица и докторот Злате Мехмедовиќ, сегашен портпарол на Комисијата за заразни болести и поранешен претседател на Комисија за здравство во СДСМ.

Настап на изборите најавуваа и други помали партии, но досега ниту една од нив официјално не објави листи. Рокот за да ги поднесат истекува вечерва на полноќ. Меѓу оние што најавуваа е и скопската градоначалничка Данела Арсовска која неодамна ја презеде партијата Нова Алтернатива. Иако промовира и отвора штабови низ градовите во земјава, таа досега не промовираше носители ниту листи. РСЕ се обиде да добие одговор, но телефонските броеви за контакт на официјалната веб-страница на партијата се непостоечки.

Текстот во целост на: slobodnaevropa.mk