Ковачевски: Овие избори се избор меѓу надеж и безнадежност, меѓу европска интеграција и изолација

0
47

„Овие избори се избор меѓу надеж и безнадежност, избор меѓу европска интеграција и изолација“, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, во вечерашната емисија „Дуел за Македонија“, на Канал 5 телевизија.

Ковачевски потенцираше дека јасно се гледа кој од претседателските кандидати се застапува за надеж и европска интеграција, а тоа е кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, наспроти кандидатот на ВМРО ДПМНЕ, Гордана Силјановска, која единствено граѓаните ја паметат по репликите во однос на потребата Северна Македонија бескрајно да го одложува носењето на потребните одлуки за интеграција на државата во ЕУ.

„Силјановска покажа дека нема лидерски капацитет и никаква одлучност при носењето на важни одлуки за државата. Вие можете да замислите како би изгледала да нe претставува во НАТО или на самитите на ЕУ човек којшто секогаш бил против носење на одлуки за зачленување во НАТО и за продолжување на европскиот пат на државата. Затоа сметам дека победничкиот кандидат кој нуди визија, одлучност и лидерство за Северна Македонија да стане тоа што граѓаните го сакаат, а тоа земја членка на ЕУ, е претседателскиот кандидат Стево Пендаровски“, рече Ковачевски.

Притоа, Ковачевски посочи дека во вториот круг ќе има два кандидати кои ќе се натпреваруваат за гласот на граѓаните, со тоа што потенцијалот на Пендаровски е поголем во однос на сите други кандидати. „Затоа на 8 мај Пендаровски повторно ќе биде избран за Претседател на државата и на 8 мај заедно со коалицијата за европска иднина ќе формираме Влада којашто ќе ја внесе Северна Македонија во ЕУ до 2030 година“, потенцираше Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.