Бројот на луѓе кои се во опасност од сиромаштија или социјална исклученост во Германија останува висок. Сојузниот завод за статистика, врз основа на првичните резултати од истражувањето за приходите и условите за живот (EU-SILC), објави дека во 2023 година од сиромаштија биле погодени 17,7 милиони луѓе. Тоа се 21,2 отсто од населението. Во однос на годината пред тоа, вредностите остануваат речиси непроменети.
Келнскиот истражувачот на сиромаштија Кристоф Бутервеге смета дека тоа што бројките стагнираат, и барем не се влошиле, не претставува успех: „Тоа не треба да ги смири политичарите“. Во реалноста, повеќе луѓе се сиромашни отколку што покажува статистиката, оценува Бутервеге: „Сиромаштијата се шири во средната класа“. Економистката Ирене Бекер, која се занимава со емпириско истражување на распоредување на приходите, исто така е сигурна дека статистиката не го одразува соодветно степенот на сиромаштија на населението.
Во ЕУ се смета дека едно лице е изложено на ризик од сиромаштија или исклученост ако неговиот приход е под границата на ризик од сиромаштија, неговото домаќинство е погодено од големи материјални и социјални лишувања, или ако живее во домаќинство со многу ниско ниво на вработеност.
Помалку од 2751 евро за четиричлено семејство
Во 2023 година, околу еден од седум луѓе биле изложени на ризик од сиромаштија – 14,3 отсто од населението или речиси дванаесет милиони луѓе. Во 2022 година стапката на ризик од сиромаштија изнесуваше 14,8 отсто. Секој кој има помалку од 60 проценти од просечниот приход во државата се смета дека е изложен на ризик од сиромаштија. Во 2023 година, тоа беше приход од 1.310 евра нето месечно за луѓе кои живеат сами, и 2.751 евра месечно за двајца возрасни со две мали деца.
Одмор или посета на ресторани не се вклучени
Од значителна материјално и социјално лишување се погодени 6,9 отсто од населението или 5,7 милиони луѓе. Во 2022 година тој процент изнесуваше 6,2%. Тоа значи дека, на пример, засегнатите не можат да си ја платат киријата или да финансираат еднонеделен одмор, или еднаш месечно да отидат во ресторан или кафуле.
Кога многу членови на семејството се невработени
9,8 отсто од населението под 65 години, или 6,2 милиони луѓе, живееле во домаќинство со многу мала вработеност. Во 2022 година тоа биле 9,8 проценти од граѓаните. Тоа би било случај ако во домаќинство со две лица, едното лице воопшто не работело, а другото имало работа вкупно само четири месеци.
За истражувачот на сиромаштијата Бутервеге особено е значајна сиромаштијата поради ниски приходи. Фактот дека бројот на погодените не е зголемен води до погрешен заклучок, вели тој. „Зголемените цени ставија повеќе луѓе под притисок, дури и ако тие не се изложени на ризик од сиромаштија според оваа дефиниција.“
DW