Мицкоски: Преземам иницијатива за создавање на национално единство, тоа е неопходно затоа што државата е одземена од народот од неколку корумпирани функционери од ДУИ и СДСМ

ВМРО-ДПМНЕ – ВМРО Демократска партија за македонско национално единство, тоа е многу силно име, кое не само заради историското ВМРО и континуитетот на кој се повикуваме како идеја и организација која ја славиме и која е нераскинлив дел од македонското национално движење и можеби најзначајна за македонскиот национален идентитет, туку истовремено и поради обврската и одговорноста која и вториот дел од името ја носи со себе. Долго време таа обврска и одговорност како да се одбегнуваше, некогаш занемаруваше, некогаш впрочем и попусти беа обидите да се оствари, но обиди иако неуспешни имало, кажа претседателот Мицкоски на вчерашниот митинг во Охрид.

Тој нотираше дека тој сака да успее во тоа, да создаде македонско национално единство.

Мојата прва иницијатива за обезбедување на македонско национално единство ќе ја започнам со тоа што сакам да обзнанам мораториум и запирање на сите напади кон партите Левица и ЗНАМ. Ова го чувствувам како потреба на македонскиот народ, но и како моја обврска да пробам да ја реализирам идејата за национално единство во моменти кога тоа и е најпотребно на државата, во моменти кога државата е одземена од народот и во рацете на неколкумина корумпирани политичари од ДУИ со неколкумина корумпирани политичари од СДСМ кои се седнати во скут кај овие од ДУИ, рече претседателот.

Претседателот истакна дека Македонија мора да се обединува по сите основи, за тоа да се случи мора да се почне од некаде, и нема подобар период од тоа тој процес да започне токму сега.

Ќе има во иднина моменти кога националното единство ќе е неопходно исто како што ќе има моменти кога ќе се прејде на едно граѓанско единство без разлика на етничката припадност, затоа што ова е земја на сите граѓани кои живеат во нејзе и сите ние граѓаните од различни етнички заедници сме нераскинлив дел и столб на ова држава и на нејзината иднина, заклучи претседателот.

Неговата порака е дека нема откажување од граѓаните, нема откажување од единството помеѓу сите нас, затоа што само така заедно сложни со силата и капацитетот на сите, сме иднината на ова земја.