Цените на нафтата се зголемија денес поради загриженоста за снабдувањето поради јавувањата за израелски напад врз иранскиот град Исфахан рано утрово, јавува Анадолу.
Глобалниот репер, суровата нафта „брент“, се тргуваше за 88 долари за барел во 10:08 часот по локално време, што претставува зголемување од 1 отсто во однос на цената на затворање на берзата од 87,11 долари за барел во претходната сесија на тргување.
Американскиот репер West Texas Intermediate (WTI) во исто време се тргуваше за 83,73 долари за барел, што е раст од 1,2 отсто во однос на претходната сесија што се затвори на 82,73 долари за барел.
Зголемените тензии на Блискиот Исток, каде што се наоѓа поголем дел од светските резерви на нафта, предизвикаа загриженост поради значителните ризици за снабдување и повисоките цени на нафтата.
Според американските и иранските медиуми, Израел извршил напад во Иран како одговор на иранскиот напад врз Израел со стотици беспилотни летала камиказе и балистички и крстосувачки ракети на 13 април.
Државната телевизија на Иран ги потврди „големите експлозии“ во централната провинција Исфахан, но истакна дека ниту една нуклеарна постројка не била погодена. Полудржавната новинска агенција Мехр објави дека три беспилотни летала се уништени на небото над провинцијата Исфахан.
Израелската војска сè уште не се огласи за нападот, но истакна дека во тек е безбедносен состанок во Министерството за одбрана на Израел во Тел Авив.
Во меѓувреме, САД, постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН), синоќа ставија вето на нацрт-резолуцијата чиј предлагач е Алжир, барајќи полноправно членство на Палестина во ОН.
Апликацијата на Палестина за полноправно членство во Обединетите нации во услови на смртоносна израелска офанзива врз Газа беше блокирана со 12 гласа „за“ и двајца воздржани, Велика Британија и Швајцарија.
За усвојување на резолуцијата на Советот потребни се најмалку девет гласа „за“ и без вето од петте постојани земји членки.
САД повторно почнаа да воведуваат санкции за Венецуела, членка на Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК), и го укинаа нејзиното овластување за извоз на нафта на меѓународните пазари, што дополнително ги зголеми цените.
извор:Анадолу.
фото:Анадолу.