Техничкиот министер Панче Тошковски вели дека 30 илјади обрасци за пасоши вчера стигнале во Македонија, но за застојот вината ја насочи кон претходното раководство на МВР.
„Доколку претходниот менаџмент на МВР обезбедел најмалку уште две три -три машини, кои ќе можеа да принтаат, не по 3 илјади, туку по 6 илјади патни исправи на ден, во тој случај немаше да се чека по два месеци, туку ќе се чекаше многу пократко. Но фактот е таков каков што е. Би ги замолил сите политичари во наредниот период да не расфрлаат пердуви и да не ја манипулираат јавноста“, реагираше министерот Тошковски.
Тргнувајќи од фактот што на една од предходните пратки пасоши заменикот технички премиер од СДСМ Бојмацалиев отиде да се слика на граничен премин, Тошковски иронично му порачува на својот заменик дека не мора да оди на граница за да прави пропаганда.
Бојмацалиев не мора да се слика на Меџитлија, новите пасоши може да ги види во магацините на МВР”, му порачува Тошковски во изјавата.
Предходно дополнителниот заменик-министер го обвини Тошковски дека неефикасно се справува со проблемите што му ги остави Оливер Спасовски.
„Според последните сознанија што ги имам и бројките што ги побарав, над 100.000 граѓани ги немаат добиено своите пасоши во законскиот рок. А само ќе напоменам дека пред техничката влада, сите граѓани ги добиаа своите лични документи во рок од 15 дена. Но за среќа техничката влада завршува за брзо па ќе ги вратиме управните служби на прав колосек, граѓаните ќе бидат сликани и услужени за 15 дена да ги имаат своите документи. Тоа го зборував уште од првиот денл, но не наиде на разбирање дека не е само да ги сликаме граѓаните, да им ги земеме парите, а да не им ги дадеме пасошите. Граѓаните чекаат некаде веќе два и пол месеци за одредени документи за кои уредно си платиле и се сликале“, потенцираше дополнителниот заменик министер Бојмацалиев.