ЦУК: Спасен овчар заглавен на речен остров во водите на Црна Река

Спасен е овчар заглавен на речен остров во надојдените води на Црна Река, заедно со неговите стотина овци, соопштија синоќа од Центар за управување со кризи.

Оттаму нагласија дека сега овчарот и овците се на безбедно место, откако се намалило нивото на водата и тие биле евакуирани.

– Центарот за управување со кризи известува дека од единствениот број за итни случаи 112, до Секторот за операции и координација, во 17:32 часот добил информација за заглавен овчар среде Црна Река, со неговите стотина овци, на мало островче на 200 метри лоцирано под селото Манастирец во општина Росоман. Реката била надојдена заради зголемен проток при производство на електрична енергија од страна на АД „ЕЛЕМ“ ПО „ХЕЦ Тиквеш Водостопанство Тиквеш“. ЦУК презеде координативни активности за да се запре протокот на вода од Акумулација „Тиквеш“ и да се намали нивото на реката – соопштија од Центарот.

Од ЦУК веднаш биле преземени сите неопходни мерки.

– Овчарот чекаше нивото на реката да се намали за заедно со неговите овци да се засолни на безбедно место. При ваков случај, било потребно три до четири часа да се намали нивото на водата. Инаку, на лице место е испратена екипа на МВР – ПС Кавадарци, а во контакт со градоначалникот на Општина Росоман е добиена потврда дека и од таму ќе биде пратена екипа – информираа од ЦУК.

фото: Република