Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за подкастот на Плусинфо истакна дека во Македонија владее чувството и третманот на власта кон луѓе од прв и втор ред и додаде дека бранот за промени кај народот е голем затоа и очекува ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата да освојат 61 пратеник или да бидат блиску до таа бројка.
Мицкоски потенцираше дека СДСМ треба својот пораз да го бара многу поназад не само во кампањава и овие неколку месеци, туку уште кога во услови на корона криза направија епска злоупотреба на државните ресурси, институции пари.
Уште од тогаш постепено започна нивниот пораз и посериозно се случи на локалните избори кога имаа два убедливи порази и повторно се случи коалиција од позиција на опозиција да освои мнозинство на градоначалници и тоа требаше да биде индикатор. Затоа ние во тој период имајќи ги предвид интересите на државата, баравме предвремени парламентарни избори и на демократски начин да се испочитува волјата на мнозинството граѓани – рече Мицкоски.
Мицкоски посочи дека тогаш СДСМ одлучи преку насилни начини и чуден начин на водење политика кога исчезнуваа и пратеници, да опстојат на власт и да ги задржат фотелјите по било која цена.
Природно беше Зоран Заев кога поднесе оставка во СДСМ да поднесе оставка во владата и да одиме на избори, но тогаш на чуден незапаметен начин се постави Димитар Ковачевски и ќе дојдеме до заклучок дека тоа е првата посериозна грешка по локалните избори, а потоа потчинетата улога и неискуството на Ковачевски дојде до израз – нагласи Мицкоски.
Мицкоски додаде дека тогаш во таква ситуација ДУИ се наметна, а СДСМ за да ја задржи власта влегуваше од грешка во грешка потчинувајќи се на политиките на ДУИ и тоа доведе чувство на апатија во Македонија.
Луѓето се чувствуваат дека имаме малкумина кои се привилегирани и граѓани од прв ред и мнозинство граѓани од втор ред и конечно затоа не чуди оваа бројка на овие избори и ако таа после втор круг се зголеми да надмине 550.000 или 600.000 гласа и не би се изненадил ако ВМРО-ДПМНЕ освои 61 пратеник или биде блиску. Тоа е така затоа што тие повторно водат чудна реторика и имаат погрешна порака, ништо не се промени кај нив – изјави Мицкоски.