Битолчанецот Димитар Илиевски – Мурато е првиот Македонец кој го освои највисокиот врв на светот Монт Еверест на 10 мај 1989 година. И, за жал, остана на вечна стража на покривот од светот.
Мурато е роден на 29 септември 1953 година во Битола, а животниот поход го заврши на денешен ден во Непал. Тој е еден од најголемите алпинисти во историјата на македонскиот алпинизам и страствен љубител на планините и природата. Во неговата алпинистичка кариера има освоено многу планински врвови. На Пелистер, каде што многу често се искачувал, во негова чест е подигнато спомен-обележје, а постхумно е одликуван со Медал за заслуги за Македонија.
На 10 мај пред три децении Диме, како член на македонската алпинистичка хималајска експедиција Еверест ’89, го поставува знамето на светскиот покрив. Искачувањето е направено од непалската страна. Патот кон врвот се протега низ ледоломот Кумбу, потоа долината на тишината, падината под врвот Лоце и јужното седло, а вдолж него се поставуваат четири висински логори.
Заедно со Диме Мурато на врвот во истиот ден се искачија и словенечкиот алпинист Виктор Грошељ, хрватскиот алпинист Стипе Божиќ и шерпасите Сонам и Аџива. Во четвртиот висински логор се наоѓал македонскиот алпинист Борче Јовчевски кој имал задача да биде логистичка поткрепа за јуришната екипа. Искачувањето до врвот траело околу 15 часа во услови на длабок снег. На врвот Диме и Стипе се задржале околу еден час. На симнување од врвот Диме останал најверојатно на височина од 8.200 метри.
Причината за неговата смрт не е разјаснета до денес бидејќи за целото време на искачувањето и симнувањето бил во одлична кондиција, често пати правејќи патека во снегот и пред шерпасите.
Се претпоставува дека застанувајќи за кратко на висина од 8.200 метри за да го почека Стипе, кој бил зад него и имал проблеми со светилката, Диме заспал.
Долго време Диме бил единствениот Македонец кој се искачил на врв повисок од 8.000 метри. Есента 2005 година во организација на комитетот на експедицијата и Македонската алпинистичка асоцијација, под базниот камп на Еверест е изграден споменик во чест на Димитар Илиевски.
Покрај освојувањето на Монт Еверест во 1989 година, Диме има освоено голем број врвови во Македонија, на Балканот, на Алпите… Во 1986 година во состав на Македонската алпинистичка хималајска експедиција на Манаслу стигна до 7.500 метри каде што остана неколку дена во очекување добро време за јуриш кон врвот.
Обид за симнување на телото на алипинистот
Покрај големиот број тешки алпинистички искачувања на Алпите, тој е автор е на голем број првенствени насоки на Матка, Солунска Глава, Демир Капија, карпите околу Прилеп, на Пелистер, на Проклетие, на Вихрен и уште многу други планински масиви во Македонија.
Во 1998 година се организираше алпинистичка експедиција во организација на Македонската алпинистичка асоцијација и Македонскиот олимписки комитет со цел да се симне телото на Диме од Монт Еверест и, според непалските закони, телото со свечена церемонија да биде запалено под базниот логор, а урната со пепелта да се донесе во Македонија.
Македонската експедиција требаше да делува како составен дел од Интернационалната експедиција за чистење на Монт Еверест која имаше за цел чистење на планината и симнување на телата на загинатите алпинисти.
Но, експедицијата не се реализира заради административни пречки со непалската влада пред самиот нејзин почеток. Сепак, идејата за симнување на телото на Диме не е напуштена, бидејќи се смета дека е позната точната локација на неговото тело.
Димитар Илиевски е еден од најголемите алпинисти во историјата на македонскиот алпинизам. Посмртно е добитник на наградата Медал за заслуги за Македонија. Покрај спомен-обележјата на Копанки и Антена на Пелистер, во 2005 година, под базниот камп на Еверест, е изграден споменик во чест на Димитар Илиевски.
denesen.mk