Холандскиот кандидат на Изборот за песна на Евровизија (ЕСЦ) во Малме, Јост Клајн, е исклучен од ова музичко натпреварување. Причина се обвинувања на жена од продукцискиот тим на ЕСЦ против Клајн поради инцидент што се случил по второто полуфинале во четвртокот (9.05), а за кој не се наведуваат детали. Исклучувањето на Клајн, како што се вели од Европската радиодифузна мрежа (ЕБУ) нема врска со однесувањето на Калјн кон претставничката на Израел, Еден Голан.
Клајн веќе беше исклучен од пробите за финалето на ЕСЦ во петокот, без да биде дадено дополнително објаснување. Шведската полиција и ЕБУ денеска (11.05) потврдија дека жена од продукцискиот тим поднела тужба против Холанѓанецот до властите. Од ЕБУ објаснија дека сѐ додека полицијата го истражува случајот, не би било соодветно да му биде дозволено учество на натпреварот на Холанѓанецот, кој со песната „Еуропапа“ е еден од поширокиот круг фаворити.
ЕБУ се спротивстави на извештаите и шпекулациите дека друг уметник или член на делегација бил вмешан во инцидентот за кој не се соопштуваат детали. Имено, се шпекулираше дека причина за истрагата би можело да биде однесувањето на Клајн кон претставничката на Израел по второто полуфинале. Кога им беа поставувани прашања на прес-конференцијата, тој го повлече холандското знаме над главата и се уфрлаше во збор на Еден Голан, што беше оценето како непочитување.
DW