Најчевска: Никогаш не сум сакала двојни стандарди, а кога нè викаа ФИРОМ или Голема Бугарија?

Никогаш не сум сакала двојни стандарди, посебно кога станува збор за правото вели професорката Мирјана Најчевска коментирајќи ги реакциите на заклетвата на новата македонска претседателка Гордана Силјановска Давкова.

ЕУ не се потресе баш од настапите на бугарските европарламентарци кои излегоа со јасни територијални аспирации кон Македонија ниту од неспроведувањето на пресудите на ЕКЧП од страна на Бугарија.
Не ги возбуди премногу ни фактот дека Грција ја прекршува Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства.
ЕУ не се потрес заради лапсусите и грешките кои намерно или ненамерно ги правеа европските државници во употребата на името на државата (сега и во периодот кога не нарекуваа ФИРОМ наместо да го употребат целиот назив под кој бевме примени во ООН).
Не се сеќавам ни дека Американците покажаа голема загрижа заради ова.
Ама кога Гордана при давање свечена заклетва (уште нестаната претседателка) не го употреби официјалното име на државата не пропуштија да излезат со изрази на длабока загриженост па дури и тивки закани.
Никогаш не сум сакала двојни стандарди.
Посебно кога станува збор за правото.
Ваквото однесување на ЕУ може само да ги подгрее негативните сили кои Македонија ја влечат во ќорсокак, надвор од генералната ориентација кон ЕУ и ЕУ вредносниот систем.