Македонците јадат многу сол

Во Северна Македонија се внесува 2,4 пати повеќе сол од максималниот препорачан дневен внес. Препорачано е да не се внесува повеќе од 5 грама сол на ден, а во земјата просечен дневен внес на сол е 12,1 грама. Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) по повод Недела за подигнување на свесноста за солта ги советува граѓаните да внимаваат на своето здравје.

Овогодинешната тема на Неделата за подигнување на свесноста за солта е „Време е да се сврти вниманието на солта“, истакнувајќи го прашањето за „скриената“ сол – натриум, во многу преработени и ултра-преработени производи.

Многу сол се внесува преку лебот
Во многу земји три четвртини од натриумот во исхраната доаѓа од ултра-преработена и преработена храна, како што се леб, сосови и преливи, крекери и колачиња, готови оброци, преработки од месо и сирења. Педесет и еден отсто од препорачаниот дневен внес на сол се внесува преку лебот.

Институтот за јавно здравје препорачува да се ограничи внесот на солта на пет или помалку од пет грама дневно.

Лекарите препорачуваат добро да се гледаат етикетите на производи пред да се купат, за да се одберат оние со помалку сол, да се отстрани соларникот од трпеза, да се користат природни билки и зачини како замена со цел да се подобри вкусот на храната, да се пие доволно вода, како и да се избегнува преработена храна.

 

DW