Путин во посета на Пекинг: Како Кина ѝ помага на Русија?

Откако го назначи економистот Андреј Белоусов за нов министер за одбрана, рускиот претседател Владимир Путин патува кај кинескиот претседател Ши Џинпинг. Според нова американска студија, Кина од 2023 година е најважниот снабдувач со микроелектроника и машински алатки за руското вооружување. Путин покажува дека сака повеќе да ја обликува руската индустрија во воена економија.

Уште на крајот на 2023 година, Германското друштво за надворешна политика (ДГАП) во анализа пресмета дека, во најлошото сценарио, на НАТО му остануваат само уште пет години да го одржи својот потенцијал за одвраќање од можен руски напад врз земја на НАТО.

Авторот на студијата Кристијан Мелинг, раководител на Центарот за безбедност и одбрана при ДГАП, сега ја обнови својата анализа со поглед на военото опремување на Русија во војната против Украина. „Путин живее само низ оваа војна“, вели Мелинг во интервју за ДВ. „Нему војната му е потребна, бидејќи тој разбуди многу духови кои можеби нема да можат да прифатат мир.“

Конфронтација со НАТО?
Оттука, вооружувањето на НАТО е директно поврзано со испораката на оружје на 50-те држави поддржувачи на Украина, предводени од САД.

Американскиот тинк-тенк ЦСИС (Центар за стратешки и меѓународни студии), во студија објавена во април, заклучува дека „тековните сеопфатни воени реформи на Путин“ во војната против Украина укажуваат дека „Русија можеби се подготвува за конфронтација со НАТО во текот на следните две децении, вклучувајќи и конвенционална војна од големи размери“.

Институтот во Вашингтон, кој според извештаите на американските медиуми е близок до американската индустрија за оружје, по вторпат откако започна големата инвазија на Русија на Украина, на 24 февруари 2022 година, го истражуваше снабдувањето на руската индустрија за оружје со стоки од странство и избегнувањето на западните санкции. Овојпат под наслов: Состојбата на руската одбранбена индустрија по две години војна.

Русија увезува електроника – заобиколувајќи ги западните санкции
За таа цел, истражувачите ги анализираа јавно достапните податоци за движењето на стоки во Русија – особено поврзани со микроелектрониката за ракети и лизгачки бомби. ЦСИС ја разгледа и трговијата со таканаречените ЦНЦ-машини, т.е. компјутерски контролирани машини за обработка на метали.

Тие се користат за изградба на артилериски гранати и друга муниција. „Руската одбранбена индустрија најде начини да го добие она што ѝ е потребно за да го зголеми производството на оружје“, се вели во анализата на ЦСИС.

„Кремљ продолжува да се потпира на странски компоненти увезени преку сложена мрежа на посредници. Ова се покажа како клучно за снабдување на руската војска во Украина.“

Според тоа, Кина од пролетта 2023 година стана најважниот снабдувач на Русија: „Речиси сите водечки извозници на микроелектроника се со седиште во Кина и Хонг Конг, а една компанија е со седиште во Турција“.

Нагло зголемување на увозот од Кина во март 2023 година
Кинескиот извоз на микроелектроника во Русија вртоглаво порасна во март 2023 година. Во тоа време, кинескиот претседател Ши Џинпинг го посети рускиот претседател Владимир Путин во Москва.

„Рускиот увоз на ЦНЦ-машини од кинески компании – кои се користат за производство на прецизни делови за различни воооружени системи, од муниција до авиони – исто така нагло се зголеми во месеците по состанокот меѓу Ши и Путин во март 2023 година“, наведува ЦСИС.

Во неколку графики, институтот покажува дека меѓу март и јули 2023 година, компании од Кина и Хонг Конг испорачувале во Русија електроника помеѓу 200.000 и 300.000 пати секој месец.

Многу дронови за Москва, малку за Киев
Споредбата е особено пикантна кога станува збор за испорачаните дронови: „Русија доби директни испораки на дронови од кинески трговски компании во вредност од најмалку 14,5 милиони американски долари (13,4 милиони евра), додека Украина доби дронови и компоненти од кинеско производство во вредност од само околу 200.000 американски долари, повеќето од европски посредници“, се вели во извештајот на ЦСИС.

Притоа, како што се вели, некои од компаниите од Кина и Хонг Конг кои испорачуваат во Русија, имаат бизнис и со Украина. Ако тие се предмет на санкции од ЕУ или САД, тоа води до дилема. Трговските ограничувања на крајот би можеле да се одразат и на Украина.

Американските истражувачи заклучуваат дека „рускиот индустриски сектор стана целосно зависен од Кина во делот на машински алатки и компоненти важни за производството во делот на вооружувањето“.

Ова се поклопува со истражувањата во Украина. Таму, руските проектили, лизгачките бомби и беспилотните летала пресретнати од украинската воздушна одбрана се демонтираат на поединечни делови.

Од минатата година, украинската армија во руското оружје првенствено идентификува електроника од кинеско производство, вели за ДВ украинскиот експерт за санкции Владислав Власиук, кој е дел од администрацијата на украинскиот претседател.

Помалку висока технологија во руското оружје
За разлика од пред инвазијата на Украина, Русија сега произведува сѐ повеќе муниција и оружје за кои западните високотехнолошки компоненти се целосно непотребни.

Од почетокот на 2024 година, руските воздухопловни сили се сè поуспешни во надминувањето на украинската противвоздушна одбрана, на која пак ѝ недостигаат западни одбранбени ракети. Во моментов тоа е битка на евтино направени артилериски гранати и лизгачки бомби со кинеска електроника против западните високотехнолошки ракети за противвоздушна одбрана, од кои Украина има премалку.

 

DW