Во домашен притвор е родителот од Битола, кој пред два дена во училница на среде настава натепа ученик и наставничка. Причината за ваквото насилство бил нетрпеливиот однос меѓу две деца, а наставничката наводно настрадала бранејќи го нападнатото дете, објави Независен.
Официјално, инцидентот се случи во ОУ „Даме Груев“ Битола, кога според извештајот на полицијата, двајца родители физички нападнале соученик на нивното дете и наставничка додека одржувала час.
Од СВР Битола за „Независен“ потврдуваат дека на „родителот Р.Л. му е одреден домашен притвор од 8 дена, и не смее да го напушта својот дом“.
Пред два дена во СВР Битола, родителот на натепаниот ученик Р.М. (48) од Битола пријавил дека за време на настава во основно училиште во Битола, неговиот малолетен син бил физички нападнат од сега притворениот Р.Л. и неговата сопруга Н.Л., родители на соученик на неговото дете. Истиот ден и М.Т. (44) од Битола, наставничка во истото одделение, пријавила дека за време на настава била физички нападната од двајцата родители.
Родителот се сомничи за кривично дело „насилство“, а постапката ја води ОЈО од Битола.