Вицегувернерката Нацевска: Продолжуваат активностите на Народната банка за развивање на домашниот финансиски пазар

„Ефикасното спроведување на монетарната политика, покрај од мерките на Народната банка, во голем дел зависи и од функционалноста и натамошниот развој на домашните финансиски пазари, меѓу кои девизниот пазар има клучна улога. Оттаму, Народната банка продолжува со активностите за натамошно унапредување и развивање на домашниот девизен пазар и во таа смисла, искажуваме поддршка за иницијативите и активниот придонес на домашните банки. Во тој процес, нашата институција ја одржува активната соработка со сите релевантни банкарски здруженија, со деловните банки и со сите останати чинители, заради натамошно унапредување и развивање на домашниот финансиски пазар“, порача вицегувернерката Емилија Нацевска во обраќањето на 29-тото годишно собрание на Здружението на финансиски пазари – АЦИ коешто се одржа во Струга.

Во обраќањето, вицегувернерката Нацевска нагласи дека Народната банка постојано работи на унапредување на ценовната транспарентност и натамошно продлабочување на домашниот девизен пазар. „За задржување на професионализмот и за усогласување со најдобрите меѓународни практики, се разгледуваат можностите за прифаќање на глобалниот кодекс за девизниот пазар (FX Global Code), како во Народната банка, така и од страна на банките. Оттаму се и очекувањата дека АЦИ Македонија и Министерството за финансии ќе продолжат со активната соработка за примена на договорот ИСДА на домашните пазари, како можност за подобро интегрирање и достапност на деловните банки до странските финансиски пазари, во склоп на проектот финансиран од ЕБОР за приспособување на домашната правна рамка за деривати и репо-договори со меѓународната практика“, порача Нацевска.

Поволните движења на девизниот пазар коишто беа забележани минатата година се резултат на нормализирањето на побарувачката на девизи од енергетскиот и од останатите водечки корпоративни сектори, а значителен придонес има и натамошното зголемување на понудата на девизи од физичките лица, што е силен сигнал за довербата во домашната валута. „Ваквите позитивни движења на девизниот пазар изминатата година придонесоа за релативно обемни интервенции на Народната банка за откуп на вишокот девизни средства од банкарскиот систем, коишто беа близу до рекордните нивоа пред пандемијата“, кажа вицегувернерката Нацевска. Поволните трендови на домашниот девизен пазар и на почетокот на тековната година влијаат поволно врз нивото на девизните резерви. Со тоа, според сите релевантни меѓународни одредници, показателите за адекватноста на девизните резерви се постојано во сигурната зона, гарантирајќи ја стабилноста на курсот на домашната валута.