Турското беспилотно летало Акинџи го пронајде местото на падот на хеликоптерот на иранскиот претседател

Турското беспилотно летало Акинџи рано утрово идентификува извор на топлина за кој се сметаше дека се остатоците од хеликоптерот што го превезуваше иранскиот претседател Ебрахим Раиси и ги сподели координатите со иранските власти, јавува Анадолу.

По падот на хеликоптерот во кој се наоѓаше Раиси, турското Министерство за национална одбрана прати беспилотно летало Акинџи и хеликоптер Кугар со можности за ноќно гледање да учествуваат во акциите за пребарување.

Претседателот Раиси вчера со хеликоптер пристигна на церемонијата за отворање брана на границата меѓу Иран и Азербејџан.

Иранската државна телевизија објави дека несреќата се случила кога хеликоптерот на Раиси извел „тешко слетување“ додека се враќал од регионот.

Во хеликоптерот биле и иранскиот министер за надворешни работи Хусеин Амир-Абдулахијан, гувернерот на провинцијата Источен Азербејџан, Малик Рахмети, и имамот ајатола Али Хашим од провинцијата Табриз.

Екипите за пребарување и спасување соопштија дека работата се одвивала со потешкотии поради неповолните временски услови.

извор:Анадолу.

фото: Анадолу.